Публикацијата „Синергија во времето“ на Страхил Петровски ќе има промоција во Велес

Покана за настанот во Велес

Промоцијата на публикацијата „Синергија во времето“ на визуелниот и мултимедијален уметник м-р Страхил Петровски ќе се одржи во Ликовниот салон во Велес на 14 февруари, со почеток во 11 часот.

Промотори на публикацијата ќе бидат Златко Теодосиевски, историчар на уметноста, проф. Лазе Трипков, визуелен уметник, и м-р Дарко Николовски, историчар на уметноста. Публикацијата е поддржана од Министерството за култура и Музеј Велес.

– Уметниците – Страхил особено – „летаат“ и во мислите, за нив реалното време како да не постои, а светот, па и уметноста, се само движење, акција, синергија. Страхил, очигледно, молскавично се движи низ времето, минато и сегашно, ги собира во лет импресиите од неговите „патувања“ и ги складира во свеста, или потсвеста, да му бидат при рака кога ќе му затребаат. Ако останеме настрана, ако не го следиме – загубата е наша, ускратени сме од едно несекојдневно доживување на интерполација на едно уметничко дело, ова на Страхил, во друго уметничко дело, она на Суботин, Денковиќ и Мазев, наречено Спомен-костурница во Велес. Дали е тоа таа синергија за којашто говори насловот на видеоделото на Страхил? Веројатно, иако секој може да генерира и свои синергии, други поврзувања и (вонвременски) асоцијации. Но, барем за потписникот на овие редови, оваа е најважната: синергиите помеѓу современото и минатото, историското и уметничкото, естетското и херојското, миговното и вечното… – посочува Златко Теодосиевски.

Страхил Петровски е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност.

Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 217, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11.02.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот