Виктор Орбан / EFE/EPA/Szilard Koszticsak HUNGARY OUT

Орбан паѓа од власт по 16 години, му ја честиташе победата на Маѓар

Опозициската партија Тиса на Петер Маѓар убедливо ја порази владејачката Фидес на актуелниот премиер Виктор Орбан на денешните парламентарни избори во Унгарија, објави Н1 од Будимпешта.

Првичните податоци што ги објави Националната изборна канцеларија на Унгарија покажуваат дека предноста на Тиса е преголема и веќе е познато дека Орбан и неговата партија, по 16 години паѓаат од власт.

По пребројани 53,45 отсто од гласовите, опозициската Тиса, според проекциите, ќе освои 136 мандати, и ќе има апсолутно мнозинство во Унгарскиот парламент со 199 пратенички места. Се очекува Фидес да освои само 56 мандати.

Орбан го призна поразот и му ја честиташе победа на Маѓар.

„Премиерот Виктор Орбан ни ја честиташе победата по телефон“, пренесе опозицискиот лидер преку Фејсбук.

Самиот Виктор Орбан изјави дека резултатот од изборите сè уште не е целосен, но е разбирлив и јасен.

„Резултатот од изборите е болен за нас, но е јасен: не ни беше дадена можност да владееме. И честитав на победничката партија. Не знаеме што значат денешните изборни резултати за судбината на нашата земја и нација (…), времето ќе одлучи. Но, без разлика како ќе испадне, ние, како опозиција, ќе ѝ служиме на нашата земја и на унгарската нација“, истакна лидерот на  лидерот на Фидес.

Според премиерот, 2,5 милиони луѓе гласале за Фидес-КДНП. Тој им се заблагодари посебно на активистите и на оние од другата страна на границата.

Маѓар: Да бидеме трпеливи и да се подготвиме за прослава

Маѓар претходно вечерва изјави дека е „претпазлив оптимист“, откако беа објавени анкети кои покажуваат водство на листата што ја предводи, заблагодарувајќи им се на гласачите што ја препознале важноста на парламентарните избори.

Маѓар оцени дека ова бил „историски ден“ и им се заблагодари на гласачите што во огромен број излегле на избирачките места.

Лидерот на Тиса ги поздрави сите кои помогнале да се спречат „изборни измами“, бидејќи од податоците со кои располага може да се види дека купувањето гласови било помалку успешно отколку на изборите во 2022 и 2018 година, пренесе Би-би-си.

„Ги молам сите да бидат мирни, трпеливи и да се подготвиме за прослава“, рече Маѓар.

Унгарскиот претседател Тамаш Шуљок изјави дека денешните парламентарни избори поминале добро и дека рекордно високата излезност значи дека кој и да победи ќе има „легитимен мандат“, пренесе агенцијата МТИ.

„Резултатот од изборите – каков и да биде – ќе претставува легитимен мандат за насоката по која Унгарија треба да се движи во наредниот период“, рече Шуљок.

Резултатите од овие избори се сметаат за историски со оглед на рекордната излезност на гласачите од над 79 отсто.

Изборни нерегуларности

Унгарската изборна комисија објави на својата веб-страница дека во текот на денешниот изборен ден избирачките одбори пријавиле 63 вонредни настани, меѓу кои имало дојави за бомби, семејно гласање, како и прекин на гласањето поради смрт на еден од гласачите.

Лажни дојави за бомби биле пријавени на повеќе избирачки места, поради што гласањето привремено било прекинато.

Полицијата некаде морала да направи и проверки на избирачките места, по што гласањето било продолжено.

Воедно, на избирачки места било забележано како се користат телефони, пенкала со ознаки на учесници на изборите, имало и семејно гласање, прекин на струја, додека итната помош повеќепати интервенирала бидејќи на гласачи им се слошило.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот