Првата прозна книга на Благица Каревска се движи помеѓу границите на фактот и фикцијата
Книгоиздателството „Панили“ го објави романот „Во длабочината на моите рани“ од младата македонска авторка Благица Каревска. Ова е роман со потресна приказна што ги руши границите меѓу фактот и фикцијата. Како спој на елементи на психолошки роман, фантастика, љубовна приказна, семејна драма и трилер, овој роман не е само поигрување со жанрот, туку и четиво какво што ретко македонската читателска публика може да прочита од млад македонски автор.
Препорачано
– „Во длабочината на моите рани“ од Каревска е роман во којшто нема класични протагонисти и антагонисти, затоа што секој од ликовите го носи својот товар што го поттикнува да ги доживее и најголемите падови и најголемите предизвици и издигнувања во животот.
Преку приказната за девојка што се судира и со најблиските и со општеството и најмногу со самата себеси, со сопственото потекло и со сопствените слабости, Каревска отвора лепеза на многу не само потресни и трагични, туку и на вистинити животни приказни, за коишто сме свесни, но ги избегнуваме во секојдневјето.
Притоа, си поигрува со местото и времето на случување на дејството – иако некогаш во овој простор во кој живееме сите, а некогаш во просторот во кој патуваат нашите души, всушност, вистинскиот хронотоп на ова дело е онаму каде што упатува и насловот – во длабочината на раните, во длабочината на душата… – истакнува рецензентот Иван Антоновски.
Благица Каревска е родена во 1993 година во Волфах, Германија. Од раните детски години наваму живее во Скопје, каде што го завршува своето образование, работи и ја бара смислата на животот. „Во длабочината на моите рани“ е нејзина прва книга.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 270, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.3.2025)


