Прва историска победа за Еурофарм Работник во ЛШ – Слободен печат
РакометСпорт

Прва историска победа за Еурофарм Работник во ЛШ

Во еден крајно неизвесен натпревар македонскиот ракометен клуб конечно после три тесни порази ги запиша првите бодови во Лигата на шампионите во својата дебитантска сезона.

Во четвртото коло од групата „Ц“ во салата „Боро Чурлевски“ екипата на Еурофарм Работник славеше со резултат 31:30 против Кокс од Финска, иако на паузата замина дури четири голови разлика (17:13).

После три тесни порази ракометарите на тренерот Стевче Алушовски ги израдуваа своите навивачи со својата прва победа во дебитантската сезона од најквалитетното европско клупско натпреварување.

При нерешени 30:30 левото крило на битолчани Гоце Ојлески реализираше од пенал на една минута до крајот на средбата. Финците имаа последен напад за израмнување, последниот удар за реми на Финците го имаше рускиот среден бек Јури Семенов, но беше одбранет од страна на Митревски.

Во победничките редови доминираше Остроушко со осум голови, пет беа дело на Ојлески, а четири запиша Граџан. На спротивната страна шестпати во листата на стрелците се запиша Таминен.

После четири кола води Савехоф со максимални осум бодови, седум има Бидасоа Ирун, пет Спортинг, по два Еурофарм Работник и Кокс, а на дното е Татран Прешов без бодови.

Наредниот петти меч во ЛШ Еурофарм Работник ќе го има на 20 октомври повторно на домашен терен против словачкиот состав на Татран Прешов.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close