Противниците на Македонија на ракометниот Мундијал 2025 (1): За Гвинеја сонот веќе стана стварност
Африканската нација дебитира на мундијалите, а со Македонија ќе игра во третото последно коло од првата фаза. За Гвинејците главната цел е веќе остварена, а тоа пласман на еден мундијал, што според нив е голем чекор напред во ракометот на оваа земја. Гвинеја е петта ракометна сила во Африка
Гвинеја е дебитант на Светското првенство и еден од противниците на Македонија во групата, заедно со Холандија и Унгарија. Според изјавите што доаѓаат од африканскиот тим, тие веќе ја остварија целта, со тоа што се пласираа на еден сениорски мундијал. Тоа на Гвинејците им појде одрака со тоа што се пласираа на петтото место на Африканското првенство 2024.
За Македонија овој африкански тим би можел да биде „билет“ за влез во Главната фаза од СП, во групата во која трите најдобри селекции одат понатаму. Претходно играме со Унгарија и со Холандија, кои објективно се фаворити во дуелите со „црвено-жолтите“.
Иако како дебитанти се аутсајдери во групата, Гвинејците последниве години бележат напредок во ракометот. Јуниорскиот и младинскиот тим на оваа земја веќе се квалификуваа за СП 2025 во нивните категории. Гвинеја е замја со 12,5 милиони жители и со 1.000 регистрирани ракометар(к)и и имаат две лиги, едната машка, а другата женска. Mногумина од гвинејскиот тим играат заедно долги години, преку младинската, јуниорската и сениорската екипа.
Кој е кој во тимот на Гвинеја
Африканците имаат неколкумина поистакнати поединци, носители на играта. Голманот Пјер Рубенс е со Тремблеј во најдобрата француска лига. Тој беше во ол-стар тимот на Африканското првенство во 2024 година. На десното крило е Тео Лебон, игра за францускиот третолигаш Сенте. Централниот бек, Аџири Ивен Корше, игра за францускиот второлигаш Анжер, а капитенот Омар Бараџи игра во домашниот клуб Унион спортив де Гинее. На клупата на Гвинеја седи Французинот Кевин Деко (40).
– Учеството на СП е повеќе од само чекор во нашата кариера, тоа е големо достигнување за нашиот тим, остварување на сонот за секој од нас и сведоштво за напорната работа и страста што ги имаме – вели Деко.
Главната цел е искуство
За капитенот Бараџи, првенството ќе биде шанса да види каде се наоѓа неговата нација во светската ракометна елита.
– Главна цел ни е да добиеме искуство и да го покажеме нашиот потенцијал против најдобрите тимови во светот. Иако сме свесни за тежината на шампионатот, имаме за цел да постигнеме респектабилни резултати – вели капитенот.
Светското првенство (14 јануари – 2 февруари) се одржува во Хрватска, Норвешка и Данска, а групата на Македонија се игра во Вараждин. Црвено-жолтите почнуваат на 15 јануари против Унгарија, два дена подоцна играат со Холандија, а на 19 јануари се среќаваат со Гвинеја.
Кевин Деко, селектор на Гвинеја: Македонија има силна ракометна култура
– Македонија е нација со силна ракометна култура, со врвни клубови како Вардар, а што се однесува до Холандија, тие имаат квалитетни играчи како Лук Стајнс кој игра за Пари Сен Жермен. Унгарија е фаворит во групата, репрезентација која секогаш завршува меѓу осумте најдобри на глобално ниво – вели Деко.