Протест на жителите на Бунарџик, не даваат да им се затвори патот поради изградба на натпатник меѓу двете индустриски зони

Фото: Слободен печат

Жители на селото Бунарџик во моментов протестираат на патот кај индустриските зони поради тоа што денеска треба да започне изградбата на натпатник кој треба да ги поврзе двете зони на овој простор, ТИРЗ 1 и ТИРЗ 2. Тие велат дека тоа е единствениот пат кои ги поврзува со останатите населени места во општина Илинден, без притоа да вртат и кружат по 15 километри, но и дека тоа е единствениот пат по кој минува автобусот со број 63 А, кој вози до Транспортен центар.

Поради тоа, жителите бараат да се направи алтернативен, привремен пат веднаш до постоечкиот што ќе биде затворен во наредниот период, кој ќе може да го користи населението додека траат градежните работи и да се направи излез кон автопатот Скопје – Куманово. Тие тврдат дека нема да дозволат да започне изградбата на мостот и дека ќе останат да протестираат додека не се решат нивните проблеми.

Фото: Слободен печат

Што е најлошо, никакво претходно известување немаше, никакво. Ние не сме запознаени со проектот што се планира да се реализира, што значи дека апсолутно се игнорира ова население и се донесуваат одлуки преку ноќ. Вчеравечер поставија знаци дека денеска во 11 часот ќе го затворат патот и толку. И како ние сега ќе функционираме? За еден месец почнува школската година, како ќе ги носиме децата во училиште? Нека градат тие натпадник, ама нека ни ослободат пат да минуваме – вели еден од жителите.

На протестот денеска се собрани жители од Бунарџик и од Ајватовци, затоа што луѓето од другите населени места, како што објаснува соговорникот, уште не знаат што се случува.

Секојдневното функционирање на населението во Бунарџик е нераскинливо поврзано со другите населби во општината, на пример децата одат во училиште во Кадино, во градинка во Илинден, амбуланта има во Илинден и Кадино, а во другите населби има и други неопходни објекти како што се маркети и аптеки.
Нивното незадоволство е уште поголемо што, како што велат, индустриската зона е веднаш до нивните куќи, таа си функционира во беспрекорен ред, а тие за возврат не добиваат ништо.

Наместо да напредуваме, да ни помага, да ни ја разубавува нашата околина, индустриската зона за возврат ни дава блокада и отсекување од нашата општина. Насекаде низ светот, сите индустриски зони инвестираат во околните населби со изградба на инфрструктура, тротоари, игралишта за деца, а кај нас сосема спротивно, патот кој го користеле нашите дедовци сега ни го узурпираат и не ни е дозволен да го користиме – велат жителите.

Фото: СЛободен печат

На денешниот протест на жителите им се придружи и градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, што според жителите, е израз на неговата поддршка, затоа што според нив, тој нема ингеренции да постапува за овој проблем.

Од Општина Илинден досега не добивме одговор дали можат да помогнат да им се обезбеди непречено движење на граѓаните. Оттаму вчера на нивната веб страница информираа дека денеска отпочнуваат градежни активности за изведба на надпатник за поврзување на ТИРЗ Скопје 1 и ТИРЗ Скопје 2 во населеното место Бунарџик.

Овој проект го имплементира Дирекцијата за технолошко индустриски зони, и при работа на надвозникот ќе биде затворен за сообраќај локалниот пат Бунарџик-Ајватовци. Во времетараењето на изведбта на гардежните работи ќе има изменет времен режим на сообраќај во овој дел од општината – соопштија од Илинден и ги повикаа граѓаните на разбирање за реализација на активностите на терен и на почитување на поставената сообраќајна сигнализација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот