Јуниор Гарсија, сценарист
Јуниор Гарсија, сценарист и опозициски лидер/Фото: EPA-EFE/Yander Zamora

Протест на дисиденти во Хавана: Кубанскиот Ганди ќе маршира сам, со бела роза во раката

Не сакаме да се пролее ниту капка крв на која било страна од овој конфликт. В недела ќе марширам сам, во името на сите граѓани на кои режимот им го одзеде правото да демонстрираат, вели Јуниор Гарсија

Младиот кубански сценарист Јуниор Грасија, кој ги предводи антивладините дисиденти, најави дека в недела ќе маршира до Хавана сосема сам, молкум и со бела роза во раката, за да ја истакне ненасилната природа на големиот протестен марш следниот ден, кој е забранет од властите.

Кубанските дисиденти, организирани во групата Архипелаго на социјалната мрежа Фејсбук, уште во септември побараа дозвола да одржат мирен протест. Комунистичките власти ги прогласија сите протестни маршеви за нелегални, обвинувајќи ги организаторите дека соработуваат со САД во обид да ја соборат владата во Хавана.

Јуниор Гарсија, еден од основачите на групата Архипелаго, ги отфрла обвинувањата, а стравувањата дека протестите може да заискрат во насилства го поттикнале да маршира сам.

Гарсија пред општината Ла Хавана Виеха
Гарсија пред општината Ла Хавана Виеха, по одбивањето на барањето за одржување марш/Фото: EPA-EFE/YANDER ZAMORA

– Не сакаме да се пролее ниту капка крв на која било страна од овој конфликт. В недела на 14 ноември ќе марширам сам, во името на сите граѓани на кои режимот им го одзеде правото да демонстрираат в понеделник – вели Гарсија.

Само неколку часа порано, шефот на кубанската дипломатија Бруно Родригез ги повика на разговор сите странски дипломати во Хавана, порачувајќи им дека властите нема да го дозволат протестниот марш. Владата тврди дека Гарсија сака да поттикне судир.

– Нема да го дозволиме тоа. Ќе ги спроведеме законите и Уставот и строго ќе се придржуваме до принципите на право и социјална правда на нашата социјалистичка држава – порача Родригез.

Најавениот марш е незгоден за властите бидејќи токму в понеделник Куба треба да ги отвори воздушните и морските пристаништа за туристи, по долг период на изолација поради пандемијата на ковид-19. Затворањето на туристичките центри силно ја погоди кубанската економија, на која туристичките ангажмани ѝ се еден од главните приливи на девизи.

Организаторите на маршот в понеделник ги повикаа граѓаните да излезат на балконите и прозорците и да тропаат во тенџериња, што е традиционален израз на поддршка на демонстранти во латиноамериканските земји. Некои групи повикаа граѓаните во знак на поддршка да развеат бели чаршафи од домовите.

Гарсија побара поддршка и од Кубанците расштркани низ светот, да организираат протестни собири за да го привлечат вниманието на јавноста во земјите во кои живеат.

– Нека сите изнајдат мирен начин да го изразат своето незадоволство, не оставајќи простор за насилство врз кого било – порача Гарсија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот