Фото: Facebook / Carnegie Museum of Natural History

Пронајден нов вид на диносаурус во Аргентина: Неговиот живот завршил држејќи нога на крокодил во своите вилици

Фосил од новооткриен вид на диносаурус месојад, пронајден во Аргентина, дава увид во слабо познатата група на предатори од периодот креда. Во тоа им помагаат на научниците не само значајните остатоци од черепот, туку и неверојатно интересната работа што во моментот на смртта сè уште ја држел во своите вилици – нога од крокодил, пишува „Саенс алерт“ (Science alert).

Диносаурусот, наречен „хоакинраптор касали“, живеел пред околу 67 милиони години во денешна централна Патагонија, во залезот на ерата на диносаурусите.

Бил долг приближно 7 метри и тежок еден тон. Научниците во неговите вилици пронашле остатоци од нога на голем роднина на крокодилот, што отвора можност диносаурусот некако да умрел – можеби се задавил – додека го јадел крокодилот.

Диносаурусот бил член на групата на месојадни диносауруси наречени мегарапторани кои талкале по Јужна Америка, Азија и Австралија. Тие имале долги раце и големи, остри канџи на три прсти. Имале издолжени черепи со полесна градба од оние на многу други големи диносауруси-предатори, како и релативно мали заби.

– Мегараптораните се меѓу најмалку разјаснетите диносауруси од сите – рекол палеонтологот Лусио Ибириксу од Институтот за геологија и палеонтологија на Патагонија, водечки автор на студијата објавена во списанието „Нејчр комуникејшн“.

Најраниот познат член на оваа лоза живеел пред околу 130 милиони години. „Хоакинраптор“ укажува на тоа дека мегараптораните живееле сè до крајот на ерата на диносаурусите, кога астероид ја погодил Земјата пред 66 милиони години.

– Повеќето фосили на мегарапторани биле нецелосни, што го ограничувало знаењето за тоа како изгледале, како се однесувале, што јаделе и каде се вклопуваат во еволутивното дрво на диносаурусите месојади. Фактот што поголемиот дел од черепот на „хоакинраптор“ е зачуван, фрла светлина на овој клучен дел од скелетот – рекол Ибириксу.

– А ногата од крокодил, може да даде траги за неговата исхрана – додал Ибириксу.

Во неговите вилици била горната коска на предниот екстремитет на крокодил. Истражувачите не можат да бидат сигурни во околностите што довеле до тоа, но тоа значи дека „хоакинраптор“ можеби јадел крокодил, импресивен предатор сам по себе, кога диносаурусот настрадал од непознати причини.

Остатоците од диносаурусот биле откриени во 2019 година на изворите на реката Чико. Истражувачите го нарекле местото на откритието и диносаурусот по синот на Ибириксу, Хоакин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот