Промовирано е монографско претставување на фолклорните фестивали од доц. д-р Наташа Диденко

Книгата „Октомвриски фестивали на народни игри и песни во Битола, Штип и Скопје (1947-1952)“ на доц. д-р Наташа Диденко беше промовирана во рамките на 22. издание на манифестацијата „Есенски музички свечености“ 2021 во Музеј на македонската борба, а промотор беше проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска.

Станува збор за прво монографско претставување за овие фолклорни фестивали, организирани по повод одбележувањето на важниот меѓник, познат како „Денот на востанието на Македонија“ или „Денот на народното востание на македонскиот народ“, но и како државен празник „11 Октомври“.

Во современата македонска држава биле организирани како први музички фестивали од областа на фолклорното творештво во 1947 година во градовите Битола и Штип, а од 1948 година се одржувале во Скопје. Според досегашните истражувања, не постојат многу информации за овие фестивали, коишто во суштина се стожерот за формирањето на идните културно-уметнички манифестации низ Републиката.

Затоа, со оваа монографија се прави обид да се проследи развојот на Октомвриските фестивали на народни игри и песни, во периодот 1947-1952 година, со цел пошироката и научната јавност да добијат поконкретни податоци, но и да се запознаат со континуитетот и значењето на овие фестивали, кои во наредните години придонеле да не дојде до згаснување на фолклорната традиција, по која нашата земја е позната ширум светот, туку и го забрзале процесот за создавање на професионален ансамбл и други културни институции за проучување на националната култура и фолклорното творештво во Македонија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 107, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28 ноември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот