Промовирана е сликовницата „Танцот на шарените шамичиња“ од Александар Прокопиев со илустрации на Сања Симоска

Многубројна публика од сите генерации, книжевници и новинари, на 16 јануари присуствуваа на промоцијата на новата сликовница „Танцот на шарените шамичиња“ од познатиот писател и книжевник Александар Прокопиев во амбиентот на книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Скопје сити мол“.

Книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е со илустрации на Сања Симоска. Сликовницата е дел од новата едиција „Љубов на прв збор“, со која се реафирмираат постари, класични и малку подзаборавени раскази, песни и други дела на познати македонски писатели за деца.

Уредничката на сликовницата Оливера Ќорвезироска истакна дека воскреснувањето на подзаборавените дела од националните книжевности секогаш е значајно, а во мигов е тренд и во книжевноста во регионот пошироко. Тоа е одличен пат за надоврзување на најмладите генерации на сопствената традиција, на генерациите на своите родители, баби и дедовци. Емоционален, книжевен, воспитен континуитет.

Ракописот „Танцот на шарените шамичиња“ првично е објавен како дел од книгата за возрасни на Прокопиев – „Човечулец: бајки од левиот џеб“, објавена во 2011 година. Тоа е и еден од трите раскази на Прокопиев што се најдоа во антологија на македонскиот расказ за деца, објавена во 2014 година во Хрватска.

– Интересното за оваа сликовница е што, пред сè, е ексцерпт од книга за возрасни, второ – затоа што тоа воопшто не се забележува, не го оштетува текстот, туку, напротив, се потпира на својата висока самостојност и беспрекорно функционира како сама раскажувачка единка од еден во друг книжевен формат – од книжевноста за возрасни во книжевноста за деца. Оваа постапка, што делумно може да се нарече и како убав експеримент за проширување, обединување на книжевноста, за бришење на границите меѓу книжевноста за деца и книжевноста за возрасни, еве ни го овозможи „Танцот на шарените шамичиња“ како одличен текст податлив за илустрирање, како одличен текст за сликовница. Самостоен, прецизен, топол, суптилно воспитен и поучен, на еден модерен начин, без попување и старинска дидактика, без „триење сол“ на главата на децата, како што се вели народски – рече Ќорвезироска.

Илустраторката Сања Симоска и писателот Александар Прокопиев / Фотографија: Татјана Ранташа

Промоторката Ќорвезироска откри дека писателот и илустраторката првпат физички се сретнале на промоцијата. Претходно комуницирале само преку интернет (или со посредство на редакцијата на „Арс Ламина“). Но, и покрај тоа, нивните нарации се компактни, како да работеле многу години заедно.

– „Танцот на шарените шамичиња“ е еден сосема неочекуван проект за мене. Од издавачката куќа го пронајдоа овој мој текст и ми ја претставија идејата да се реобјави во овој многу шармантен формат. Така, оваа мала приказна за деца доби крилја, како што и главниот лик – шамичето добива можност да „полета“ кон остварување на своите соништа – изјави писателот Александар Прокопиев.

Младата илустраторка Сања Симоска е академски графичар. „Танцот на шарените шамичиња“ е нејзина втора сликовница, а има објавувано илустрации и во списанија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 163, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22 јануари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот