Промовиран женскиот кошаркарски клуб МЗТ Скопје Аеродром

фото: mztskopjeaerodrom.mk

Станува збор за своевидна фузија со прволигашот со долга и богата традиција, Студент Академија, кој веќе официјално го промени името и во вториот дел од сезоната ќе настапи како дел од „сино-белото“ семејство.

Извршниот директор на актуелниот шампион, Тони Грнчаров, пред новинарите ја објасни идејата за вклучување и на женски тим под капата на „металците“.

– По консолидирањето на младинската школа, што кулминира со играње и со вториот тим во Првата лига, дојде време да направиме чекор напред во делот на вклучување и на женски состав во нашето семејство. Свесни сме на драстичниот пад на македонската женска кошарка, поради што сметавме дека можеме да дадеме свој придонес на нејзината популаризација. Може да понудиме одлични услови за тренирање, а воедно живееме во општина во која има многу девојчиња кои со правилна работа во иднина би можеле да прераснат и во репрезентативки. Огромна благодарност до општината Аеродром, која несебично го помага спортот и тоа не само со вложувања во нашиот клуб, туку и во инвестирањето во многу други спортски колективи – рече Грнчаров.

На прес-конференцијата беше присутна и Весна Марковска, координатор за родова еднаквост при општина Аеродром.

фото: mztskopjeaerodrom.mk

– Секојдневно слушаме за декларативни заложби за родовата еднаквост, но за таа да се спроведе во дело потребни се храбри потези и конкретни акции. Општина Аеродром имаше храброст да презеде вакви акции, преку давањето помош за формирање на женскиот кошаркарски клуб како дел од семејството на МЗТ Скопје Аеродром. Локалната самоуправа, исто како и машкиот, финансиски ќе го помага и женскиот сино-бел колектив со надеж дека со ова ќе ја подигне свеста за родовота еднаквост во општината – вели Марковска.

Тренер на екипата која во вториот дел од првенството во Првата лига ќе се натпреварува под името ЖКК МЗТ Скопје Аеродром ќе биде Вела Красниќ.

– Благодарност до општина Аеродром за помошта која ни ја дава, бидејќи само така ќе може да ги оствариме зацртаните цели. Наша цел е омасовување на женската кошарка во Аеродром, односно создавање база од која потоа ќе црпиме идни репрезентативки. Досега, како Студент Академија, работевме во несоодветни услови, но се надевам дека со новата помош ќе може целосно да им се посветиме на девојчињата, без да се грижиме за обезбедување на потребните средства за работа. Наша цел е со посериозна работа да ја изградиме основата, со која од следната сезона ќе може да се надеваме на поголеми успеси – се зборовите на Красниќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот