Новите простории на „Лабораториум“ се на адресата 12-та Македонска ударна бригада бр.2а

Промоцијата на книгата „Само уште еден скок“ од Енис Хилми ќе се одржи во новиот „Лабораториум“

Книгата „Само уште еден скок“ на авторката Енис Хилми е сага за една искрена љубов меѓу кучето Тото и неговата избраничка Е. Впрочем, како што се посочува и во првиот расказ, животното треба да биде тоа што ќе го одбере човекот, а не обратно. Тогаш врската што ќе се изгради и љубовта, се нераскинливи. Таква е љубовта меѓу Тото и Е.

Промоцијата на книгата „Само уште еден скок“ од Енис Хилми ќе се одржи во новиот „Лабораториум“ на 12 декември, во 20 часот. Промоторки на книгата ќе бидат проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска и новинарката Биљана Стојановска.

– „Само уште еден скок“ е нежна, духовита и длабоко човечна приказна раскажана од најнеочекуваниот сведок на љубовта – едно куче. Преку неговите сетила, радости и стравови, книгата во форма на раскази, го следи животот во неговите најискрени форми: првите чекори, изборите, приврзаноста, стареењето, збогувањата… Ова не е книга за кучиња – ова е книга за луѓето видена низ очите на некој што безусловно сака. Топла и мудра, „Само уште еден скок“ нè потсетува дека секој ден може да биде прегратка, секој миг дом, а секое „уште едно“ – вредно да се живее – истакнува Биљана Стојановска.

Професорката Весна Мојсова Чепишевска посочува дека Енис Хилми станува повидлива на македонската културна сцена (не дека таа нема свое место на охридската, а последниве години и на берлинската) токму преку својата прва збирка раскази „Градот што не го засакав на прва“ со која ја освои наградата „Новите“ за 2024 година.

– И самиот наслов е доволно провокативен зашто се чита како контрапункт на онаа скоро излитена фраза „љубов на прв поглед“. Расказите ги исчитав во еден здив и толку сакав нешто да напишам за нив зашто скоро ми беа многу блиски по сензибилитетот на Јерговиќевиот „Сараевски Малборо“, по тој микс на емоции кои час се радосни, час горки, час возбудливи, час изненадувачки, час смирувачки, час вознемирувачки. А сега сфаќам дека оваа најновата „Само уште еден скок“ била пред таа за Берлин. Дека оваа љубов била пред тоа засакување на Берлин. Но, и дека оваа љубов е рамна на онаа во Константиновата „Т’га за југ“: „таму по срце в кавал да свирам / с’нце да зајдвит, ја да умирам“.

И веднаш дилемата кој тоа раскажува во „Само еден скок“? Кој тоа вели: „Но сега јас сум сѐ уште многу мал, а светот е многу голем. Некои околу мене велат дека бил и страшен. Но јас не мислaм така.“ Кој си ја отвора душата и ни го раскажува својот живот? Кој така убаво ја започнува својата биографија па ни шепоти: „Мајка ми нежно ми шепотеше дека моите очи биле без трунка страв и без капка знаење, но затоа љубопитни до небо. А и прво што здогледав беше небото.“ Кој навистина треба да направи само уште еден скок, како што вели, малце подруг скок?

Не ми забележувајте што премногу ми дават право на глас на овој што треба да направи само уште еден скок. Зашто не сум му рамна, не можам на таков начин да го кажам тоа што тој сака да ни го каже, а не знам ни приближно да го парафразирам. Можам, ама нема да е толку убаво, нема да е толку ефектно. И ако на Енис Хилми не ѝ се случи засакување на прва со градот, овде се случува вистинска љубов на прв поглед – забележува Весна Мојсова-Чепишевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот