Промоција на новиот компакт-диск на Добрила и Дориан ќе се одржи во „Аудиокултура“
После „Апокриф“ и „Пиле Шарено“, „Wind To Blow“ („Ветер да подујне“) е трет по ред албум на Добрила и Дориан. Албумот е снимен, миксан, мастериран и продуциран од Дориан Јовановиќ во „Профундус студио“ во Скопје. Дизајнот е на Ника Гавровска, а фотографиите на Наташа Величковска. Изданието го објави „СЏФ Рекордс“ (SJF Records), извршен продуцент е Оливер Белопета.
Препорачано
На новиот албум Добрила Грашеска се појавува со вокал и вокални лупови, а Дориан Јовановиќ свири на ут со лупер, електроника и програмирање. Слушачката промоција на албумот ќе се одржи на 21 мај, во 19:30 часот, во „Аудиокултура“ во Скопје, додека концертната промоција на албумот ќе се случи на 4 јуни, во Националната опера и балет, во рамките на 25. „Оф-фест“.
– Дуетите нудат заедничка основа за совршен разговор. Во случајот на Добрила и Дориан, таа заедничка основа е навистина широка. Сите ги познаваме преку „Чалгија саунд систем“ како чувари на традицијата. Но, нивниот дует направи и нешто повеќе. Според нивните зборови, нивниот прв албум „Апокриф“ изврши „тивка офанзива“ преку спојување на глас, ут, лупови и импровизација. Нивното деби претставува фузија помеѓу познатото и непознатото, прифатеното и необичното, тишината и звуците од околината, како и желбата за откривање и препознавање. Можеби токму затоа и регионалните и меѓународните музички критичари го прогласија албумот за ремек-дело во жанрот на глобалната музика.

Повеќето состави не успеваат да импресионираат со вториот обид, но со притисокот дојде и издигнување над сигурната формула, па така се испили „Пиле Шарено“. Овојпат со електронски модификатори применети не само на утот, туку и на гласот. И покрај шарениот наслов, следниот албум беше поглед навнатре, привлекувајќи уште повеќе пофалби од критичарите. Признанијата доведоа до бројни настапи низ Европа, дополнително зацврстувајќи ја интимната врска на дуото и за возврат барајќи уште музика. Наведува да се прашаме што се крие зад третата врата. Можеби нешто лирско, бавно, со добра приказна – стои во најавата на концертот на 4 јуни на „Оф-фест“.


