Отворањето на Скопскиот брас фестивал е на 26 мај со бесплатен концерт пред кафе-бар „Филхармонија“

Пролетното издание на Скопскиот брас фестивал ќе донесе три концерти и две едукативни музички претстави

Петтото издание на Скопскиот брас фестивал, чија идеја е промоција на лимените дувачки инструменти, како и унапредување на методите на изучување на истите, оваа година ќе се одржи со свое пролетно и есенско издание.

Во пролетното издание ќе се одржат три настани, а како главен настан е гостувањето на квартетот туби „XL“ од Хрватска на 28 мај во малата сала на Филхармонија. Составот е навистина невообичаен, поради не толку познатата солистичка природа на инструментот туба, а и нивната виртуозност од самото основање во 2002 година до денес е препознаена на многу интернационални сцени со гостувања во САД, Тајланд, Малезија, Италија, Германија, Австралија и други држави.

Членовите на овој квартет се врвни хрватски музичари, членови на Загребската филхармонија и редовни професори на факултетот во Загреб. Покрај концертниот настап, членовите на овој квартет ќе одржат и бесплатен семинар со студентите на ФМУ – Скопје. Членови на овој состав се: Крунослав Бабиќ (туба), Марио Шинцек (еуфониум), Милош Будимиров (туба) и Петар Кшенек (вагнер туба).

Отворањето на пролетното издание на Скопскиот брас фестивал е на 26 мај, а ќе му припадне на домашниот квартет тромбони „Макбрас“, кои ќе одржат џез-концерт на платото пред кафе-бар „Филхармонија“.

Составот ќе настапи со гостите Кирил Кузманов (саксофон), Виктор Филиповски (тапани) и Маријана Николовска (пијано), а ќе бидат изведени познати џез-композиции и џез-аранжмани на класични композиции.

Квартетот „Макбрас“ е формиран од тромбонисти од националните оркестри во Македонија во 2016 година, а има забележано настапи во САД, Хрватска, Канарски Острови, Бугарија, Косово и др. Членови на овој состав се Бранко Илиевски, Никола Ристевски, Виктор Богоевски и Александар Ниниќ.

Покрај овие концерти, на 8 јуни ќе се одржат едукативните интерактивни музички претстави „Фамилија Металковци“ и „Брасковци патуваат“. Претставите се осмислени за да им се доближат музичките карактеристики на лимените инструменти на најмладите. Локацијата на овие детски концерти ќе биде објавена дополнително. Организатор на Скопскиот брас фестивал е „Макбрас Асоцијација Скопје“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот