Сцена од филмот „Друг крај“ на Пјеро Месина

Програмата на Филозофскиот филмски фестивал има функција на филмско огледало свртено кон сите нас

Со проекција на филмот „Друг крај“ од италијанскиот режисер Пјеро Месина на 21 мај, во киното „Фросина“ во МКЦ, почна 16. Филозофски филмски фестивал (16. ФФФ), чијашто Главна програма ќе се одржи во периодот од 21 до 28 мај во Скопје.

Во една блиска, дистописка иднина каде што технолошкиот напредок претендира да ја колонизира и самата смрт, нова процедура овозможува привремено инкарнирање на свеста на починатите во живи сурогати, нудејќи им на ужалените ефемерна илузија на простување. Оваа вознемирувачка премиса е наративниот мотор на „Друг крај“ на Пјеро Месина – меланхолична и визуелно раскошна медитација за непоимливата тежина на загубата.

Кога Сал, скршен од парализирачка вина по фаталната сообраќајна несреќа на неговата партнерка Зои, добива неочекувана можност од својата сестра Ебе, вработена во таинствената корпорација зад овој некротехнолошки потфат, да помине уште малку време со реплика од саканата, тој е фрлен во егзистенцијален амбис.

Прикажан во натпреварувачката програма на Берлинале, филмот на Месина се издигнува над жанровските конвенции на научната фантастика, трансформирајќи се во тмурна филозофска елегија за смртноста, идентитетот и неможноста вистински да се избрише онтолошката граница помеѓу животот и ништавилото.

За времетраењето на Фестивалот ќе можат да се погледнат триесетина филмови кои се дел од Официјалните селекции на долгометражни и краткометражни филмови (од кои најголемиот дел ќе бидат премиерно прикажани во Македонија), од селекцијата на есеј-филмови, потоа од Придружната програма, како и филмови што се дел од Ревијалната програма: Филм-филозофија, а кои ќе бидат придружени со излагања на видни професори, филозофи, филмски критичари. Фестивалот се одржува под мотото „Слобода во слободен пад“.

Плакат за 16. Филозофски филмски фестивал

– Годинава, по шестнаесетти пат, повторно се наоѓаме на крстопатот помеѓу филозофијата и филмот посветувајќи им осум дена на автентичните филмски светогледи. Ова фестивалско издание ќе се одржи од 21 до 28 мај, а проекциите ги селиме во кино „Фросина“ на Младинскиот културен центар, каде ќе погледнеме триесетина филмови од Европа и сите краишта на светот.

Иако во изминатите години преку еден режисер отклучувавме главно прашање и мото, оваа година се инспирираме од моменталниот контекст и констатираме со восклик: Слобода во слободен пад. Слободниот пад како едно субјективно вертиго знаеме дека звучи малку страшно, но кога насилството го прифаќаме како вообичаен декор на кој станавме индиферентни, не би можеле да означиме поинаку.

Во вакво време-невреме на ментална опсада од 24/7 дигитални стимули, персонализирани алгоритми и ВИ-слопови кои однапред ни ја читаат реалноста наместо нас – ФФФ врти огледало кон сите нас и бара едно: наместо дефетизам и сардоничност, имагинацијата и емпатијата да не умрат тивко – истакнуваат од Филозофскиот филмски фестивал.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот