Тридневна жалост во Шпанија: спасувачите ги бараат жртвите меѓу искршените вагони и расфрланото железо
Многу семејства на патниците сѐ уште чекаат информации за судбината на своите најблиски. Граѓанин изјави дека петмина членови од неговото пошироко семејство биле меѓу речиси 200 луѓе кои патувале од Мадрид кон јужниот град Уелва. По судирот во близина на Адамус, во покраината Кордоба, досега бил пронајден само еден член од семејството – шестгодишно дете.
Тридневна жалост ќе започне во Шпанија од вторник, додека спасувачките екипи и натаму го пребаруваат местото на несреќата – искршени вагони и расфрлано железо – во потрага по жртвите по судирот на возови во кој загинаа најмалку 40 луѓе, а десетици се повредени, објави „Гардијан“.
Препорачано
Во понеделникот, повеќе од 18 часа по излетувањето од шините на брзиот воз со околу 300 патници кој патувал кон Мадрид и по неговиот судир со воз од спротивната насока, низ целата земја луѓето очајно се обидуваа да стапат во контакт со исчезнати членови на семејствата. Станува збор за најтешката железничка несреќа во Шпанија во последната деценија.
Многу семејства на патниците сѐ уште чекаат информации за судбината на своите најблиски. Граѓанин изјави дека петмина членови од неговото пошироко семејство биле меѓу речиси 200 луѓе кои патувале од Мадрид кон јужниот град Уелва. По судирот во близина на Адамус, во покраината Кордоба, досега бил пронајден само еден член од семејството – шестгодишно дете.
– Сега ги бараме останатите четворица кои се водат како исчезнати. Бевме насекаде, во сите болници во Хаен, Убеда и во Кордоба – изјави тој за новинарите.
Други граѓани преку социјалните мрежи објавуваа фотографии од исчезнатите, апелирајќи за каква било информација. „Ако некој во Адамус го препознае овој човек – тоа е мојот татко, ве молам јавете се,“ гласеше една од пораките.
ВИДЕО | Во судир на два воза во Шпанија, 39 загинати, стотина повредени
Полицијата соопшти дека отворила неколку пунктови каде што граѓаните можат да пријават исчезнати лица и да дадат ДНК-примероци за идентификација.
Шпанскиот премиер Педро Санчес, кој го посети местото на тешката железничка несреќа, најави целосна и транспарентна истрага за причините за судирот. Тој истакна дека јавноста со право бара одговори за тоа како и зошто дошло до трагедијата, по што прогласи тридневна национална жалост што започна на полноќ.
Несреќата се случила во неделата вечерта, непосредно пред 20 часот, кога дел од возот што сообраќал кон Мадрид излетал од шините и се судрил со воз од спротивната насока. Според министерот за транспорт Оскар Пуенте, ударот бил исклучително силен – првите два вагони излетале од шините и паднале по падина од околу четири метри.
Надлежните посочуваат дека околностите се невообичаени бидејќи несреќата се случила на прав дел од пругата што бил обновен неодамна. Возот бил релативно нов и поминал технички преглед само неколку дена претходно, а од раководството на „Ренфе“ наведуваат дека човечка грешка речиси е исклучена.
Според информации на „Ројтерс“, можно е клучна улога да имал оштетен спој на шините, кој со текот на времето создал опасна празнина.
Откриена е причината за чудната железничка несреќа во Шпанија?
Во меѓувреме, спасувачките екипи и натаму работат во исклучително тешки услови, а локалните власти предупредуваат дека може да се откријат и нови жртви. Ударот бил толку силен што дел од телата биле пронајдени стотици метри од местото на судирот.
Трагедијата длабоко ја потресе Шпанија, особено имајќи предвид дека железничката мрежа на брзи возови со години се смета за една од најмодерните и најбезбедните во Европа.


