Проектот за инклузија на Ромската заедница во Битола во завршна фаза

Фото: Васка М. Младеновска

Во Битола се реализираат завршните активности на можеби еден од најкомплексните проекти досега, што го третира прашањето на инклузија на Ромската заедница.

Станува збор за проектот „Баир- здружена акција на Битола за вклучување на Ромите” кој што на еден многуслоен и со еден сеопфатен холистички пристап вклучува три клучни компоненти, од кои носечката компонента на проектот е урбаната.

-Инфраструктурната, комуналната и урбаната база се клучни во создавањето на подостоинствени услови на Ромите во населбата Баир и нивна инклузија. Станува збор за мошне комплексен проект а неговата клучна компонента е легализација на домаќинствата, или 50 на број. Станува збор за домаќинства кои ја имаат целосната документација, а на поголем број од апликациите за легализација претходно поднесени им недостасуваше геодетскиот елаборат. Моментно има 26 легализации на домаќинства, а предвидени се вкупно 50. Постои фонд за реновирање на домаќинства, и предвидено е реновирање на барем 27 домаќинства. За оваа цел беше формирана мулти секторска група која одлучуваше како да бидат поставени критериумите за селекција и кои документи на апликантите им се потребни. Основен предуслов за да може да се аплицира беше поседувањето на имотен лист, бидејќи без легализација никој не можеше да добие реновирање на домот. На јавните повици аплицираа вкупно 50 апликанти, од нив беа избрани 26 и во тек е процесот на реновирање. Тука беа опфатени обновување на фасада, на кровна покривка и пвц дограма за подобри услови за живеење и поголема енергетска ефикасност- вели Климентина Ѓорѓиоска проектен менаџер на проектот “Баир здружена акција за вклучување на Ромите”.

Фото: Васка М. Младеновска

Во делот на урбаната компонента неопходно беше да се изработат три детални урбанистички планови за населбата Баир, каде главно живее ромско население, но и генерален урбанистички план за градот Битола.

-Поднесовме иницијатива и потоа Општината Битола потпиша договор со јавното претпријатие за урбанизам за изработка на целосно нов урбанистички план заради тоа што доколку би сакале да се направи промена на деталните урбанистички планови, тие мора да бидат интегрирани заедно со новиот генерален урбанистички план. Околу 140 илјади евра веќе се наменети за изработка на 12 студии за изработка на генералниот урбанистички план-додава Ѓорѓиоска.

Лидија Ангелкова од фондацијата “Преда плус”, партнер во проектот вклучена во имплементација на компонентите што се однесуваат на социјалната интеграција на ромското население, вели дека од исклучителна важност е решавањето на проблемите на 120 Роми што живеат под регионалниот пат, каде што немаат елементарни услови за живот, целосно нестандардизирани.

-Токму во рамки на овој проект заедно со Битолската локална самоуправа работиме на тоа, во стратегиите што моментно се работат, да се најдат решенија за било какво социјално домување за да се реши тој горлив проблем на 29 семејства што живеат во субстандардни услови и импровизирани живеалишта под регионалниот пат- вели Ангелкова.

Според неа, исто така најголем проблем што го има Ромската заедница во Битола и каде што податоците се поразителни е дека повеќе од 60 отсто од работоспособното население кое што живее во оваа населба нема образование.

-Иако образованието е задолжително, сепак 60 проценти од ромското население нема образование и има скратени можности за вработување и користење на другите бенефити во македонското општество- вели Лидија Ангелкова од фондацијата “Преда плус”.

Од граѓанските организации кои што несебично им помагаат на ромското население во населбата Баир во Битола, велат дека преку нивната месна организација се линк помеѓу жителите на населбата Баир и институциите на локално ниво.

-Со секторот образование од Општина Битола во повеќе наврати имаме организирано информативни средби за да се подигне свеста за образованието во населбата Баир, бидејќи тоа е на многу ниско ниво- вели Филис Алиу од граѓанскиот сектор.

Општина Битола е партнер во проектот и согласно склучениот договор од страна на Општина Битола извршени се градежни работи за реконструкција на коловоз и канализација на улиците “Струшка” и “Сутјеска” со спроведен технички надзор на градежните работи.

-Во тек е постапка за набавка на опрема за комунална хигиена: еден мал камион прилагоден со опрема со капацитет соодеветен за движење и собирање на отпад во тесни улици, 5 рачни моторни косилки (тримери) на гориво, една мотокултиваторска косилка со мотор на гориво-информираат од Битолската локална самоуправа.

Оттаму додаваат дека за изработката на новиот генерален урбанистички план од страна на Општина Битола, посебно е важна соработката со проектниот партнер COSV кој изработи 12 студии, а од страна на Општината Битола се работат хидролошка студија, геолошки подлоги и сообраќајна студија.

Воедно, Советот на Битола усвои 3 иницијативи за детални урбанистички планови: Баир 1, 2 и 3.

-Општина Битола, исто така го забрзува и процесот за финализирање на поднесените барања за легализација кај ромски семејства, како и за реализација на делот кој се однесува на обезбедување помош за мали реконструктивни зафати (дограма, фасади, покрив) на 26 објекти во населбата Баир-информираат оттаму.

Проектот “Баир- здружена акција на Битола за вклучување на Ромите” е имплементиран од италијанската хуманитарна невладина организација COSV во партнерство со Фондацијата “Преда плус” и Општината Битола, со финансиска поддршка на Европската унија, а треба да финализира до крајот на оваа година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот