Продуцентот „Баги комуникации“ ја најави подготовката на мјузиклот „Као какао“ инспириран од музиката на Влатко Стефановски
Македонската театарска сцена добива нов мјузикл со наслов „Као какао“, кој ќе биде сценско дело инспирирано од музиката на Влатко Стефановски, во кое неговиот богат и препознатлив музички опус служи како појдовна точка за создавање нова театарска приказна.
Препорачано
Продуцент на проектот е „Баги комуникации“, а мјузиклот се реализира во копродукција со Македонскиот народен театар. Проектот „Као какао“ беше најавен на прес-конференција којашто на 16 јануари се одржа во „Аудиокултура“.
– Ова не е претстава за мојот живот. Идејата не беше моја, но веднаш ја препознав и ја поддржав, затоа што ми беше интересно да ја видам музиката во нов, сценски контекст – како нешто што продолжува да живее надвор од мене – изјави Влатко Стефановски.
Авторскиот тим е составен од истакнати македонски театарски автори. Режијата ја потпишува Дејан Пројковски, додека текстот е оригинално драмско дело на Венко Андоновски, напишано специјално за овој мјузикл. Музичките аранжмани се на Бобан Мирковски, кореографијата на Олга Панго, костимографијата е на Марија Пупучевска, а сценографијата на Валентин Светозарев.
– Мјузиклот како форма секогаш е предизвик, особено кога работиш со музика што има толку силен идентитет. Нè интересираше како таа форма може да се користи слободно, без да влеземе во шаблон. За мене, ова е обид мјузиклот да се третира како сериозна драмска форма – истакна режисерот Дејан Пројковски.
Покрај прозните и драмските текстови што досега ги има напишано Венко Андоновски, овој пат го прифатил предизвикот да напише текст за мјузикл.
– Музиката на Влатко носи силна емоционална историја. Пишувањето покрај таква музика е привилегија, а мене ме интересираше каква драмска приказна може да се отвори за млад човек што се обидува да успее и да се пронајде себеси, без да удри во ладниот ѕид на системот што се обидува да го загуши – истакна драматургот Венко Андоновски.

Во мјузиклот ќе учествуваат околу 25 актери од различни генерации, а продукцијата засега откри дел од актерската екипа. Во главните улоги настапуваат Владимир Петровиќ и Катерина Јовановиќ, а во претставата ќе играат и Григор Јовановски, Стефан Спасов, Нина Елзесер, Ања Митиќ и Антонио Ташковски.
– Проектот се развиваше неколку години, а денес влегува во фаза на реализација. Со искуството што го имаме, силниот авторски тим и актерската екипа, веруваме дека „Као какао“ ги има сите предуслови за успех – велат од „Баги комуникации“.
Премиерата на „Као какао“ е планирана за почетокот на мај, по што мјузиклот ќе биде изведуван на редовен репертоар, а за проектот е предвидена и регионална турнеја. „Као какао“ е поддржан од генералниот покровител „Триглав“, генералниот партнер „Шпаркасе банка“, како и од поддржувачите и пријатели „Тиквеш“, „Виталија“ и „Божиновски часовници“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 316, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-19.1.2026)


