Процес „Учи паметно, работи стручно”: Над 450 компании сакаат да примат ученици на практична работа

Фото: mia.mk

Претседателот на Владата, Зоран Заев, по денешниот консултативен состанок во Тетово со претставници од компаниите, на локалната самоуправа и на средните стручни училишта во рамки на процесот „Учи паметно, работи стручно”, посочи дека стотици компании веќе искажале интерес да примат средношколци на практична работа. Целта на овој процес, според премиерот, е да се подготват колку што може повеќе млади кадри според потребите на пазарот на труд.

– Се работи за висока профилација на млади кадри кои во соработка со компаниите во текот на целото средно образование практично да ги остручиме и обучиме и да бидат подготвени за пазарот на труд. Се пријавија над 450 компании кои изразија подготвеност да соработуваат со општините, но и со средните стручни школи со цел да дадеме внимание и да ги анимираме децата за нивно запишување во средното стручно образование, рече Заев.

Тој посочи дека со практичната надградба од прва до четврта година, лесно ќе можат да обезбедат работно место, да бидат сериозно квалификувани, а државата да биде компетитивна со другите земји.

– Стручното образование овозможува продолжување на доусовршување на сите технички факултети во високото образование. Упатувам порака до сите македонски компании да ги отворат вратите за сите средношколци да се стекнат со практични вештини. Придобивка за компаниите ќе биде тоа што ќе имаат веќе стручно подготвени млади кадри кои по завршување на средното образование би биле ангажирани во самите компании. За децата тоа ќе значи дека ќе бидат подготвени да влезат во фабриките и погоните и да бараат добра плата и да можат да го креираат својот живот како млади луѓе, истакна Заев.

Заменик министерот за образование Арафат Шабани истакна дека се прават анализи за профилирање во средното стручно образование низ целата држава.

– Ние како Министерство за образование и наука, со помош на амбасадата на Швајцарија, ги правиме овие анализи и денеска во Тетово заедно со компаниите правиме анализа за пазарот на трудот да дефинираме кои профили за иднина учебна година се потребни, рече Арафат Шабани.

Амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер Техада истакна дека нејзината земја отсекогаш ги поддржува ваквите чекори.

– Ние во Швајцарија велиме дека ова е еден од нашите најголеми извозни продукти. Би сакале учениците во стручните училишта да не учат само теорија, туку да работат и практично. Се надевам дека во иднина ќе формираме еден систем што ќе му служи на приватниот сектор, рече амбасадорката.

Тетовската градоначалничка Теута Арифи истакна дека заложбите на процесот сè што повеќе да се зголеми квалитетот во стручното образование и тие ученици што побрзо најдат вработување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот