Процентуално зголемување, линеарна распределба
Процентуално зголемување, а линеарна распределба. Пензионерот за време на своите пензионерски денови, лебот треба да го купува секогаш по иста цена, затоа и се прават усогласувања на пензијата со животниот стандард. Дали е тоа можно?
Сè се случуваше со рекордна брзина, се собраа пензионерите од Свети Николе пред Владата и гласно извикна: Сакаме линеарно зголемување на пензиите! Прозорецот на премиерот Христијан Мицкоски како да беше подотворен: ќе има и тоа по 1.000 денари сега во септември и 1.000 денари догодина во март, им одговори тој на демонстрантите.
Препорачано
Набргу стигна и благодарноста од предлагачите. Владата го усвои предлогот и тој се веќе се наоѓа пред народните избраници. Пред да го вклучат зеленото копче пратениците, добро е да го прочитаат овој предлог на пензионерот што го очекува своето 49-то усогласување, односно навлезе во 25 година од пензионирањето. Предлогот е едноставен, сè по закон. Процентуално зголемување, а линеарна распределба. Пензионерот за време на своите пензионерски денови лебот треба да го купува секогаш по иста цена, затоа и се прават усогласувања на пензијата со животниот стандард. Дали е тоа можно?
Ќе го употребам примерот со мојот драг пријател Тито Петковски, нема да ми се лути, си го имаме муабетот, особено од неговите претседателски шаховски денови. Јас 40 години во новинарството, тој 40 години во политиката. И секој според примањата си го полнеше пензионерскиот фонд. Па така, отприлика, сега јас можам да купам 1.115 леба, а Тито, пак, 1.165 леба месечно. Со законското процентуално зголемување или усогласување, лебот за мене станува поскап, а за него поевтин. Јас ќе си останам на моите 1.115, а тој ќе стигне до 1.200 леба месечно.
Кога ништо не вложуваме во пензискиот фонд, туку го празниме секој месец и Тито и јас, системот, односно државата, Собранието, Владата, партиите ако сакате, треба да ни овозможи и натаму цената на лебот да ни биде иста. А тоа е можно само на еден начин. Законско усогласување на пензиите (инфлација, поскапување), процентот помножен со вкупниот пензиски фонд, поделен со бројот на пензионерите. Во овој случај тоа можеби ќе биде помалку или повеќе од 1.000 денари, но ќе биде правично и законски.
За овој предлог пратениците не би требало да го прашуваат ни Мицко, ни Али, Максим, Апасиев, Венко, Африм, Касами, Арбен или Моника Зајкова, туку да помислат што и нив утре ги чека. По која цена ќе го купуваат пензионерскиот леб? Да донесат нешто паметно и за себе, во удобните собраниски фотелји, во климатизираните простории на законодавниот дом.
Додека ги диктирам овие зборови ми текна на зборовите на мојот гардиски мајор од ЈНА, кога на часот по Политичка настава требаше да го разработам нацртот на Уставот на Југославија од 1963 и тоа да го предадам на другите војници. Тој ми кажа, не заборавај, те слушаат толку и толку академски граѓани, толку и толку среднисти, а толку и толку неписмени војници. Внимавај првите да не ти заспијат, а последните да те разберат.
(Авторот е новинар во пензија)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


