Присоединувањето на Охридска со Шпаркасе ги остави фирмите и без пари и без нерви

фото МИА

На ваков начин, на бизнисите им се заканува финансиска криза, а дел од нив веќе рапортираат дека иако дневно добивале по 30 или 40 уплати на фактури за извршени услуги, сега дневното салдо им е нула.

Присоединувањето на Охридска банка кон Шпаркасе банка, ги остави без прилив на пари компаниите што имаа сметки во Охридска. Фирмите се оставени сами на себе да изигруваат телефонски секретарки и на 600 доверители што им должат пари, да им кажуваат фактурите да ги уплаќаат на новата сметка. Фирмите се жалат на оваа катастрофална пракса во деловното работење на банката, која што не оставила барем два месеци да бидат отворени старите сметки, за бизнисите да си ги соберат побарувањата, туку веднаш ги затворила. На ваков начин, на бизнисите им се заканува финансиска криза, а дел од нив веќе рапортираат дека иако дневно добивале по 30 или 40 уплати на фактури за извршени услуги, сега дневното салдо им е нула.

Тие имаат свои клиенти, кои сега не можат да платат за услугите на старата сметка во Охридска банка, затоа што таа е затворена, а не постои автоматски систем да ги пренасочи на новата сметка на Шпаркасе банка. Поради ова, со денови фирмите ни криви ни должни, немаат уплати од фирмите кои им должат и мораат сами да изигруваат телефонски секретарки и да им ѕвонат на околу 600 коминтенти и да им ја кажуваат новата сметка. Проблемот настанал затоа што старата сметка од Охридска банка, не била оставена функционална барем 30 или 60 дена, за да имаат време фирмите да си ги наплатат побарувањата од фактурите. Се променил и свифт кодот за наплати од странство.

Еден месец пред да се направи присоединувањето Охридска банка ги известила фирмите што имаат отворено сметки дека од денот кога ќе се присоедини кон Шпаркасе, ќе ги затвори старите сметки, што за фирмите отвори непотребна работа и ги остави без пари.

„Новите броеви на сметката ќе стапат на сила од денот на присоединување на банките. Од иститот датум старите броеви на сметката нема да има можност да се користат. Нема да се случи спојување на сметки, состојби и овластени лица на сметките од двете банки за клиентите кои имаат сметки и во Охридска и во Шпаркасе банка“, навеле во штурото известување до корисниците од Охридска Банка.

Така интерното спроведување на измените им беше оставено на самите компании, кои сега мака мачат да им објаснат на клиентите каде да ги уплатат стотиците фактури што чекаат за наплата. Постои и опасноста фактурите да се изгубат а деловните партнери не знаат каде да ги уплатат.

Како што веќе пишувавме, голема непознаница за компаниите е и фактот дали коминтентите кои по грешка ќе вршат уплати на сметка во Охридска банка, ќе добијат извстување дека сметката им е затворена или дека имаат нова сметка или средствата ќе бидат автоматски префрлени на новата сметка?! Дали Банката ќе ги извести своите клиенти дека некој направил пропуст?

-Пред еден месец добивме известување дека ќе се променат броевите на нашите сметки кои ќе стапат на сила од денот на спојувањето на банките (19 јули). Бевме и информирани дека од истиот датум, старите броеви на сметки нема да биде возможно да се користат за плаќања или за прилив на средства. Како е изоставен овој мошне значаен детал? Можеби некому му се чини дека известувањето ќе оди лесно и тоа можеби е така за некоја фирма која чека само неколку фактури, но што да правиме ние кои имаме и по повеќе стотици фактури? Не ставаат пред свршен чин. А во ова време кога сите се бориме за секој денар, лесно може да се случи да останеме без долгоочекуваните средства – реагираат од компаниите за „Слободен печат“.

Згора на тоа, корисниците на апликацијата Мој ДДВ со трансакциска сметка од Охридска банка, сега мора самите да извршат ажурирање, наместо тоа автоматски да биде направено.

„Поради статусните промени во Охридска Банка АД Скопје, односно нејзиното присоединување кон Шпаркасе Банка, нејзините корисници добија нови трансакциски сметки. УЈП апелира до граѓаните кои во апликацијата мој ДДВ имаат внесено трансакциска сметка од Охридска Банка, истата да ја заменат со новата трансакциска сметка. Исплатата на пари за фискални сметки скенирани во април, мај и јуни 2021 година ќе се врши во август и потребно е навремено ажурирање на податоците. Ажурирањето се врши во самата апликација мој ДДВ“, велат од УЈП за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот