Пријавена корупција во штипска апелација, Судскиот совет ќе утврдува одговорност на судиите откако ќе прими барања од оштетените

Корупција
Корупција / Фото: Архива на „Слободен печат“

Претставници на граѓанската иницијатива „Стоп за криминалот во судството“ денеска во Судскиот совет пријавија корупција во Апелациониот суд Штип и во Врховниот суд. Тие, како што информираат од Судскиот совет, на денешниот состанок ја известија претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска и членовите на советот за конкретни случаи од подрачјето на Апелациониот суд Штип во кои посочија дека имало криминал и корупција и споменаа конкретни имиња на неколку судии од Основниот суд Штип, од Апелациониот суд Штип и од Врховниот суд.

– Граѓанската иницијатива презентираше свои докази во врска со неколку судски случаи преку кои тврдат дека одредени поединци, судии и адвокати, имаат создадено мрежа и со местење на пресуди заработуваат, а парите, според тврдењата на иницијаторите, завршуваат кај поединци. Во прилог на нивните тврдења дека судии незаконски се збогатувале приложија податоци за имотната состојба на некои судии од кои се гледа дека несразмерно се богателе во последните години, а при тоа примале само месечна плата за судиската функција, велат од Судскиот совет.

По изнесените сериозни обвинувања на граѓанската иницијатива, составена од искусни бизнисмени, чии фирми настрадале во судските процеси, додаваат, претседателката на Судскиот совет ги извести дека имаат можност да поднесат барања за утврдување одговорност на судиите за да може советот да постапува и да утврди евентуална повреда на законите и неодговорно постапување.

За другиот дел, евентуалната кривична одговорност на посочените судии, надлежно е јавното обвинителство, до кое, како што истакнаа на средбата, бизнисмените веќе поднеле пријави, а дополнително подготвуваат и нови.

– Судскиот совет ќе направи се што е предвидено според законските можности да се расчистат сомнежите во овие, но и во други случаи што ќе ги пријават граѓаните. Судскиот совет постојано постапува по барањата за утврдување одговорност кај судиите, доколку тие барања се поднесени навремено и имаат содржано докази, порачуваат од Судскиот совет.

Иницијативата „Стоп за криминалот во судството” е формирана во Штип од страна на десетина бизнисмени, сопственици на компании, кои имаат и по неколку судски случаи во кои сметаат дека биле финансиски оштетени. Затоа го повикаа Судскиот совет, да врши мониторинг на судските процеси во кои била очигледна корупцијата, со цел да ги попречи судиите во криминалот, а на граѓаните и на фирмите да им овозможи полесен пат до правдата.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот