Преживеа здравствена битка за сопствениот живот, па стана светска првенка во крос-кантри
Американската крос-кантри скијачка Џесика Дигинс со години се бореше со опасната болест булимија, а откако состојбата и се подобри, успешно настапи на СП во Словенија и освои злато
Американката Џесика Дигинс на Светското првенство во скијачката дисциплина крос-кантри во Словенија освои златен медал во трката на 10 километри.
Препорачано
Ова и е веројатно најголем успех на Џесика во спортската кариера, но таа за најголемо животно достигнување ја смета успешно водената борба со булимијата, потенцијално животно загрозувачко нарушување во исхраната.
– Постигнување на кое сум најгорда во животот е што побарав третман за моето нарушување на исхраната. Тоа е најтешкото нешто што сум го направила во животот. Дефинитивно – изјави Џесика со златото на градите.
Дигинс (31) се уште е вклучена во програмата за рехабилитација од оваа болест, со која се бори долги години.
– Јас сум на рехабилитација веќе 10 години. Сакам да бидам внимателна. Особено за време на периоди на стрес, како што е Светското првенство. Но, активно работам со мојот спортски психолог – вели Американката.
А во спортска смисла, Џесика може да биде задоволна со себе. Златото на Светското првенство за неа беше второ во кариерата. Првото го освои пред 10 години.


