Претставата „Лејди Магбет“ на Рисима Рисимкин вечерва ќе има изведба на сцената на театарот „Камплој“ во Верона

Сцена од претставата „Лејди Магбет“ / Фотографија: Драган Перковски

Во рамки на годинашното издание на фестивалот „Верона Шекспир Фринге“ во Италија, на 29 август, во 21 часот, на сцената на театарот „Камплој“, ќе се изведе претставата „Лејди Магбет“ во кореографија на Рисима Рисимкин со Скопје Танцовиот Театар.

Музиката за претставата е на композиторот Тони Китановски, костимите на Благој Мицевски, а дизајнот на сцената и светло на Матеа Мијановиќ. Во претставата настапуваат Анастасија Данчевска како Лејди Магбет, Дејан Битровски како Магбет, Бобан Русески како Алтер его на Лејди Магбет, Сара Цветковска како Алтер его на Магбет, танчери на Скопје танцовиот театар и Викторија Коцева, Стефани Шааршмит, Клара Христовска и Јоана Благадуша, студенти на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“, кои преку проектот „УГД – Чекор кон светот“ се дел од претставата.

– Многу сме возбудени за настапот во прекрасниот Театар „Камплој“, каде што ќе изведеме претстава инспирирана од творештвото на Шекспир во градот Верона, кој овие денови дише во знакот на овој голем уметник. Организаторите нѐ информираа за огромниот интерес за претставата, кој се базира на вистинската реткост за публиката на овој фестивал, да види дело на Шекспир изведено со поинаков сценски јазик – низ танц, а без зборови. Со тоа и нашата одговорност да се долови оваа приказна и емоција е голема – изјави Рисимкин пред изведбата на претставата.

За неа, како кореограф, отсликувањето на женските ликови во драмите на Шекспир е интересна и секогаш актуелна тема.

– Уметничката визуелизација на претставата е базирана врз истражувањата на делото на Шекспир, кои ги направивме заедно со целата креативна екипа. Слики и скици на една интимна историја, во која се фокусираме на психолошкиот профил на Лејди Магбет. Креацијата е направена во контекст на времево во кое живееме, повлекуваме паралели помеѓу безвременото творештво на Шекспир и актуелноста на темите кои тој ги опфаќа – истакна Рисимкин.

Тркалезна маса за претставата „Лејди Магбет“ во Верона

Во рамките на фестивалот на 28 август се одржа тркалезна маса посветена на претставата во присуство на голем број гости на програмата, универзитетски професори, режисери, менаџери и студенти, предводена од селекторот на фестивалот, режисерот Џон Блондел од САД.

Фестивалот „Верона Шекспир Фринге“ е формиран во 1948 година и годинава полни 75 години постоење, на неговите сцени се создавала богатата историја на Веронските летни сезони, во кои се вклопуваат гостувања на долга листа на продукции, актери, режисери, сценографи, музичари, танчери, кореографи итн.

Фестивалот, чија историска и уметничка вредност е огромна, со години претставува централна локација за театарската култура на светско ниво. Рисима Рисимкин и Скопје танцовиот театар годинава се дел од програмата на „Шекспир фринге“, која се изведува во последната недела на август.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот