Претседателот на канадскиот парламент поднесе оставка откако јавно пофали нацист, Полска бара екстрадиција на украинскиот нацист

Спикерот на Долниот дом на Канада, Ентони Рота, изјави дека поднесува оставка, откако јавно пофали поранешен нацистички војник во парламентот, пренесуваат британските медиуми.
Рота им се извини на членовите на Парламентот затоа што минатата недела го пофалил 98-годишниот Украинец кој се борел во германска СС дивизија, доброволна воена единица создадена од нацистите во западна Украина во 1943 година и обвинет за воени злосторства за време на Втората светска војна.
Оваа јавна пофалба предизвика болка кај поединци и заедници, вклучително и еврејската заедница во Канада и ширум светот. Ја прифаќам целосната одговорност за моите постапки, рече Рота, додавајќи дека неговата оставка ќе стапи на сила утре.
Минатиот петок Рота го покани поранешниот војник Јарослав Хунке (98) да присуствува на седницата во Претставничкиот дом во чест на претседателот Володимир Зеленски, а потоа јавно го нарече Хунке херој. Подоцна се дозна дека Хунке служел во СС дивизијата „Галиција“.
Полскиот министер за образование Пшемислав Чарнек соопшти дека презел чекори за екстрадиција од Канада на 98-годишниот нацист Јарослав Хунка, кој служел во СС дивизијата на Галиција во Втората светска војна.
Со оглед на скандалозните настани во канадскиот парламент во врска со оддавањето почит на член на криминалната нацистичка формација СС „Галиција“, во присуство на претседателот на Украина Володимир Зеленски, презедов мерки за организирање на негова евентуална екстрадиција во Полска, напиша Чернак на социјалната мрежа Х.
За време на говорот на украинскиот лидер Володимир Зеленски во канадскиот парламент на 22 септември, украинскиот националист Хунка, беше пречекан со аплауз и овации, а претседателот на Долниот дом од канадскиот парламент, Ентони Рота го нарече „херој“. Премиерот Џастин Трудо рече дека поканата до Хунка да дојде во парламентот е „исклучително срамна“ за Канада и се извини за скандалот.