Претседателката Сиљановска-Давкова оствари средба со професорите Владимир Мартиновски и Атанас Конески
Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова на 27 октомври ги прими проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, и проф. д-р Атанас Конески, претставник на Културен и едукативен центар „Небрегово“, именуван по родното место на Конески.
Препорачано
Професорите ја информираа за преземените активности врзани за одбележувањето на 80 години од стандардизацијата на македонскиот литературен јазик, како и 80-годишнината од основањето на Филолошкиот факултет во Скопје.
Обајцата ја аргументираа заложбата за измена на Законот за државни награди заради додавање на наградите „Блаже Конески“ и „Ремзи Несими“. За нив, најдобро време за доделувањето на наградите е месец декември, кога обајцата се родени: Конески на 19-ти, а Несими на 25-ти декември.
Мартиновски и Конески со гордост истакнуваат дека двајцата биле професори на Филолошкиот факултет и она што е Конески за македонскиот јазик и македонистиката, е Несими за албанскиот јазик и албанологијата.
Сиљановска-Давкова е убедена дека пратениците ќе ја препознаат оваа благородна идеја и со големо мнозинство ќе го изгласаат Законот за изменување и дополнување на Законот за државни награди.
За неа, Конески и Несими се духовни великани на македонскиот и на албанскиот јазик, чии имиња одамна требало да симболизираат врвни достигнувања во белетристиката, известија од Кабинетот на Претседателот.


