Претседателката на битолскиот Совет Габриела Илиевска нестатутарно и надвор од Деловникот прекинала седница

Фото: Васка М. Младеновска / Слободен печат

Претседателката на Советот на Битола, Габриела Илиевска , нестатутарно ја прекинала 26. седница на Советот на Битола – ова го констатира Државниот инспекторат за локална самоуправа по вонредниот инспекциски надзор во општината, кој беше спроведен токму по барање на претседателката на Советот Илиевска.

Според наодите на Инспекторатот, по отворањето на расправа по точка 5 од дневниот ред, се дискутирало по неа и членовите на Советот од страна на СДСМ ја напуштиле седницата на Советот. По настанатата ситуација, претседателката на Советот Илиевска дала пауза од 5 минути и побарала координација во 14 часот и 30 минути. По одржувањето на координацијата со координаторите на советничките групи, Илиевска ја прекинала седницата согласно член 65, заради дополнителни консултации. На прашањето на член на Советот кога ќе продолжи седницата за да се информираат членовите на Советот, претседателката не одговорила и ја прекинала седницата.

„Согласно Деловникот за работа на Советот на Општина Битола, во Поглавје 6 – Прекин на седницата, јасно е дефинирано во кои случаи може да се прекине седницата. Имено, во член 65 од Деловникот стои: Претседателот на Советот ја прекинува Седницата на Советот во случај заради немање на мнозинство потребно за работа, заради нарушување на редот во салата каде што се одржува седницата, кога за тоа ќе одлучи Советот, по предлог на претседателот, по предлог на координаторите на советничките групи, по предлог на 5 члена на Советот или друг предлагач на актот или материјалот, или во случај на потреба од дополнителни консултации и во други случаи, кога за тоа ќе се укаже потреба“, се вели во решението на Инспекторатот.

„Оттука, на спорната 26 седница не е испочитуван ниту еден од условите за прекин на седницата. Претседателката на Советот ја прекинала седницата, без да даде предлог за прекинување врз основа на кој Советот ќе одлучи, а исто така не определила ни време за продолжување на седницата. Еден од членовите на Советот на Општина Битола, се повикува на член 56 од Деловникот за работа, за да продолжи седницата и бара мислење од одделението за координација на Советот на Општина Битола, дали истата седница може да продолжи како што предлагаат тие како советничка група, со цел таа да се заврши“.

„Од наодите од извршениот инспекциски надзор, од разговорите со претставниците на Општина Битола и од анализата направена врз документацијата која е добиена од претставникот на општината кој учествуваше во овој надзор, во согласност со законските надлежности, констатирани се следните неправилности: Претседателката на Советот не ги испочитувала одребите од член 65 од Деловникот за работа на Советот, за прекинување на седницата, односно таа ја прекинала седницата без да одлучи Советот, а воедно и не закажала термин за продолжување на седницата“; пишува во решението.

Со решението, Државниот инспкторат ѝ наложува на претседателката на Советот во рок од 15 дена од приемот на решението, успорените прописи да ги стави на седница на Советот на повторно разгледување.

Донесените акти, кои не се спорни, да се потпишат од страна на претседателот (првите 4 точки) на Советот и претседавачот на седницата и истите да се објавуваат во службеното гласило на општината.

Објавените акти во службениот гласник на Општина Битола, во законски предвидениот рок, да се доставуваат до надлежното министерство, односно до Државниот инпекторат за локална самоуправа. По добиените информации и истечениот рок даден во диспозитивот на ова решение, инспекторите ќе извршат контролен надзор, за да се констатира дека е постапено по инспекциската мерка, се вели во решението на Државниот инспекторат за локална самоуправа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот