Претпразнично интервју со Катарина Ивановска, топ-модел: Времињата се менуваат, но руската салата и кифлите секогаш остануваат на семејната трпеза
Во пресрет на новогодишните празници, разговараме со топ-моделот Катарина Ивановска. Во интервју за „Слободен печат“, Катарина зборува за семејните новогодишни ритуали, убавиот празничен „хаос“ со децата, спомените од детството и како со годините празниците за неа добиваат подлабоко значење.
Препорачано
Во пресрет на празниците – каде за Нова година и што ти буди овој период?
– Искрено, празниците ме тераат малку да забавам и да сумирам. Не ми е толку битно каде ќе бидам за Нова година, туку да сме сите заедно и да сме мирни. Тоа ми е најголем луксуз во моментов.
Китењето на елката е ритуал или хаос?
– Хаос хахаха… ама убав хаос. Децата се главни, јас само се правам дека имам некаков план. На крај елката е сè, само не„совршена“, но токму затоа е наша.

Каква е елката и што ти е најубаво во тие моменти?
– Некако мешавина. Има и модерни украси и такви што ги чуваме со години. Најубаво ми е што сите сме околу елката, се смееме, пуштена музика, без брзање.
Подготовките или самиот празник?
– Подготовките, дефинитивно. Тие денови пред Нова година ми се најубави – светилки, мириси од кујната, исчекување. Самиот празник поминува за миг.

Нова година од детството – што прво ти доаѓа на ум?
– Мирисите од кујната и чувството дека сè е едноставно. Ми недостасува таа детска возбуда и безгрижноста што ја имаш само тогаш.
Што има на празничната маса – дали традицијата сè уште е важна во твојот дом?
– Да, без руска салата и кифли не поминува. Може времињата да се менуваат, ама некои работи не ги чепкаме.

Дедо Мраз дали уште „живее“ кај вас дома?
– Секако. И искрено, уживам во тоа. Сè додека децата веруваат, магијата е жива и јас немам намера да ја расипам.
Како се сменија празниците со годините кај тебе?
– Повеќе мир, помалку гламур. Порано ми беше важно сè да е „големо“, сега ми е важно да е вистинско.

Нова година што ја паметиш и пакетчињата?
– Најмногу ги паметам оние Нови години дома, без планови, со луѓето што ги сакаш. А пакетчињата – да, уште се тука, барем за децата.
По што ќе ја паметиш 2025-та и што би сакала да ти донесе оваа новата 2026 година?
– Годинава што одминува ја завршувам со новитет. Започнувам нов бизнис со моја другарка – шпанска франшиза за накит. Со нетрпение го очекуваме отворањето на продавницата во „Ист Гејт“. Накитот е модерен и наменет за различни генерации, и најважно со прифатливи цени. А, во годината што доаѓа би сакала само здравје, мир и повеќе време заедно. Сè друго нека си дојде само.


