Премиерот наречен „најскапиот инфлуенсер“ во новинарско истражување, тој вели дека не трошел државни пари

Фото: Димитар Ковачевски / Фејсбук

Премиерот Димитар Ковачевски потрошил 26.000 евра на плаќање спонзорирани објави на Фејсбук само во последните 100 дена, објави денеска ИРЛ во истражувањето насловено „Најскапиот инфлуенсер Ковачевски“.

Според ИРЛ, Ковачевски е апсолутен рекордер од сите политичари според бројот на објави на социјалните мрежи. За споредба, поранешниот премиер Зоран Заев имал вкупно 2.863 објави на неговата официјална страница од 2016 година до денеска. Ковачевски само за една година, од јануари лани до февруари годинава имал 782 објави – 680 фотографии и 102 видеа за Фејсбук, Твитер и Инстаграм, се вели во истражувањето на ИРЛ.

На овие постови, според јавно достапните податоци на „Мета“ (компанијата-мајка на Фејсбук) како спонзори се јавуваат СДСМ, Владата и други средства за кои не постојат податоци за крајните уплаќачи. СДСМ потврди дека тие плаќаат за спонзорства на страницата на Ковачевски, но Владата негира.

Наспроти тоа што во сторијата на ИРЛ се вели дека пронашле пет реклами поврзани со храната во Македонија каде што како уплаќач е идентификувана Владата, Ковачевски на денешната прес-конференција на прашање во врска со ова, одговори дека за промоција на социјалните мрежи не трошел буџетски пари, туку за тоа бил задолжен неговиот тим надвор од Владата.

„Буџетски средства за ова не се користени, туку со оглед на тоа дека се работи за спроведување на социјалдемократски политики, тоа се прави во рамките на мојот тим којшто е надвор од Владата, а вработените во Секторот за комуникации коишто работат на подготовка или на изработка на видеа немаат ниту еден час прекувремено“, рече Ковачевски.

Премиерот вели дека „важна е транспарентноста и во овој случај сѐ е транспарентно со цел граѓаните да бидат информирани за тоа што работат избраните и именувани функционери во однос на прашањата што ги засегаат, а изборот е дали тоа ќе се направи преку билборди, соопштенија или видеа и одредени други мултимедијални презентации на социјалните медиуми“.

„Доколку граѓаните не го сакаат таквиот начин на комуникација, секако дека тие тоа ќе го искажат во моментот кога за тоа ќе имаат можност, а тоа е при избори“, рече Ковачевски, додавајќи дека целата комуникација преку социјалните мрежи е платена и оти за тоа има достапни податоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот