Премиера на „Елегија во пет здива“ во Велешкиот театар

Во Велешкиот театар „Јордан Х. К. Џинот“ на 13 јуни премиерно ќе биде изведен перформансот „Елегија во пет здива“, танц-театар базиран по мотиви од избрана поезија од поетите Радован Павловски, Петре М. Андреевски, Михаил Ренџов, Ацо Шопов и Никола Маџиров.

Трансформацијата на поезијата како уметничка форма која го користи јазикот за постигнување естетски квалитети и продлабочување на нејзината семантичка содржина, преточени во танцов перформанс, е главна задача на режисерот и кореограф Филип Петковски.

Во претставата се прикажани пет слики (пет здива), односно пет перформанси кои имаат за цел да создадат универзално разбирлив сценски јазик, доловен преку мултидисциплинарен пристап на подготовка и изведба преку комбинација на повеќе медиуми на сценско изразување, како танц, нарација и физички театар.

– Актерите/танчерите во претставата ги користат сопствените тела како субјекти, како медиум за отелотворување на дадена емоционална состојба. За подготовките на претставата, актерите/танчерите беа изложени на нов процес на работа, односно, работеа по техниката „View points“, адаптирана од режисерите Ен Богарт и Тина Ландау, која служи како медиум за освестување на сетилата за гестикулација, движење и креативно изразување во просторот – објаснува Петковски.

Претставата е во режија и кореографија на Филип Петковски, а играат Васил Зафирчев, Симона Димковска, Наталија Теодосиева и Адријана Данчевска.

Костимографијата е на Антонија Гугинска Јорданоска, Маја Ѓуреска и Гордана Божиновска. Дизајнер на светло е Милчо Александров. Селектирана е музика од Даха Браха, Пјотр Илич Чајковски, Лудвиг ван Бетовен, Борис Харфман, Хрвоје Црниќ, Кристоф Пендерецки, Дуке Бојаџиев, „Синтезис“. Камерата во визуелните сегменти е на Борјан Стојков, а фотографијата и графичкиот дизајн се на Ивана Мојсовска.

Премиерната изведба е закажана за 13 јуни, со почеток во 20 часот, на големата сцена на Театар „Џинот“ – Велес. Проектот е финансиран од Министерството за култура на С Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот