epa / WILL OLIVER

Предизвиците на вештачката интелигенција

Вештачката интелигенција би можела за 10 години да остави без работа 100 милиони работници: околу 40 проценти од медицинските сестри, 47 проценти возачи на камиони, 64 проценти сметководители, 65 проценти асистенти на факултети и 89 проценти работници во рестораните за брза храна.

Вештачката интелигенција и роботиката ќе го трансформираат светот. Тие ќе поттикнат незамисливи промени во нашата економија, политика, начинот на војување, нашата емоционална благосостојба, животната средина и во начинот на кој ги образоваме и ги воспитуваме децата. Со тоа оди и реалниот страв дека, во не толку далечна иднина, суперинтелигентна вештачка интелигенција би можела да ги замени луѓето и да ја преземе контролата врз нашата планета. И покрај извонредното значење на ова прашање и брзината со која се развива оваа технологија, за вештачката интелигенција премалку се расправа во Конгресот, медиумите и јавноста. Тоа мора да се промени.

Како висок член на Комитетот на Сенатот на САД за здравство, образование, труд и пензии, пред неколку месеци започнав истражување за огромните предизвици со кои се соочуваме поради брзиот развој на вештачката интелигенција. Неодамна одржав јавна дискусија со добитникот на Нобелова награда, д-р Џефри Хинтон, кој се смета за татко на вештачката интелигенција, за да го слушнам неговото мислење за широк спектар теми поврзани со оваа технологија.
Врз основа на тоа истражување и другите информации што ги собираме, асистентите во мојот кабинет и јас наскоро ќе му претставиме на Конгресот многу конкретен сет препораки за тоа како да се справиме со некои од заканите без преседан што ги носи со себе вештачката интелигенција. Еве неколку од занемарените прашања на кои ќе бараме одговори.

Кој е задолжен за трансформацијата на нашиот свет во свет со кој управува вештачката интелигенција? Во моментов, неколкумина од најбогатите луѓе на планетата – Илон Маск, Џеф Безос, Бил Гејтс, Марк Закерберг, Питер Тил и други – вложуваат стотици милијарди долари во развојот и примената на вештачката интелигенција и роботиката. Дали е во ред грст исклучително моќни луѓе да ја обликуваат иднината на човештвото без каков било демократски надзор? Дали целта на револуцијата на вештачката интелигенција е многу богатите луѓе едноставно да станат уште побогати и помоќни или, пак, оваа револуционерна технологија ќе биде искористена за доброто на целото човештво?

Зошто Доналд Трамп, кој ги поддржува технолошките олигарси, сака да наметне извршна наредба со која би се спречиле поединечните сојузни држави во САД да ја регулираат вештачката интелигенција? Зошто милијардерот, инвеститор и соосновач на компанијата „Палантир“, Питер Тил, ги нарекува луѓето што се залагаат за регулација на вештачката интелигенција „пратеници на Антихристот“? Дали техно-милијардерите навистина мислат дека се божји избраници за да владеат? Колку далеку се подготвени да одат за да го спречат правното регулирање на вештачката интелигенција?
Какво влијание ќе имаат вештачката интелигенција и роботиката врз нашата економија и врз животите на вработените?

Извештајот што го објавив минатиот месец покажува дека вештачката интелигенција, автоматизацијата и роботиката би можеле да преземат речиси 100 милиони работни места во Америка во текот на следната деценија, што би значело дека без работа би останале околу 40 проценти од медицинските сестри, 47 проценти возачи на камиони, 64 проценти сметководители, 65 проценти асистенти на факултети и 89 проценти работници во рестораните за брза храна.

Маск неодамна најави: „Вештачката интелигенција и роботите ќе ги заменат сите работни места. Работата ќе биде избор“. Гејтс предвиде дека луѓето „нема да бидат потребни за поголемиот дел од работите“. Дарио Амодеи, извршен директор на компанијата „Антропик“, предупреди дека вештачката интелигенција би можела да доведе до губење на половина од работните места во администрацијата. Ако вештачката интелигенција и роботиката ги заменат милионите работници и предизвикаат масовна невработеност, како ќе преживуваат луѓето без приходи? Како ќе ги прехранат своите семејства, како ќе платат киријата или лекување? Дали владата прави нешто за да се подготви за оваа потенцијална катастрофа?

Какво влијание ќе има вештачката интелигенција врз нашата демократија? Во момент кога темелите на демократијата се под напади во САД и низ светот, дали вештачката интелигенција и роботиката ќе помогнат да станеме послободно општество или ќе донесат уште поголема моќ за олигарсите што ги контролираат овие технологии? Дали вештачката интелигенција ќе го означи укинувањето на нашата приватност и граѓанските слободи?

Лари Елисон, втората најбогата личност на Земјата, предвидува држава на надзор заснована на вештачка интелигенција во која „граѓаните ќе бидат послушни, зашто ќе бидат под постојан надзор“. Дали стигнуваме до фаза во која секој наш телефонски повик, секоја порака што ја испраќаме, секое пребарување на интернет ќе им биде достапно на сопствениците на вештачката интелигенција? Како да ја зачуваме демократијата во такви услови? Како да ја заштитиме нашата приватност?
Дали е во ред грст исклучително моќни луѓе да ја обликуваат иднината на човештвото без каков било демократски надзор?

Дали вештачката интелигенција би можела буквално да го редефинира значењето на тоа што значи да се биде човечко суштество? Кои сме и како емоционално и интелектуално се развиваме во голема мера зависи од нашите односи со другите човечки суштества – нашите родители, семејството, наставниците, љубовниците, пријателите и колегите. Потсетувам на славните стихови на поетот од 17 век, Џон Дон: „Ниту еден човек не е остров / Самиот по себе целина“. Луѓето со кои сме учествуваат во изградбата на нашата личност.

Вештачката интелигенција го менува тоа. Според една понова анкета, 72 проценти од американските тинејџери велат дека понекогаш ја користат вештачката интелигенција за дружење, а повеќе од половината го прават тоа редовно. Што значи за младите луѓе склучувањето „пријателства“ со вештачка интелигенција што ги изолира од други човечки суштества? Што се случува кога милиони бараат емоционална поддршка од машина? Какво долгорочно влијание врз нашата човечност ќе има фактот дека своите најважни односи не ги градиме со други луѓе?

Како вештачката интелигенција влијае врз нашата животна средина? Центрите за податоци врз кои се темели вештачката интелигенција бараат огромни количини струја и вода. Еден релативно мал ВИ центар троши повеќе струја отколку 80.000 домови. Поголемите, како ВИ-центарот за податоци од 165 милијарди долари што Опен ВИ и Ораклe го градат во Абилин, Тексас, ќе трошат струја колку 750.000 домаќинства. Во Луизијана, Мета гради центар за податоци со големина на Менхетен, кој ќе троши струја колку 1,2 милиони домови.

Една по една, заедниците низ Америка се спротивставуваат на овие центри што ги градат некои од најголемите корпорации на светот. Граѓаните се против уништувањето на локалната животна средина, растечките сметки за струја и пренасочувањето на оскудните резерви вода. Како ќе влијае изградбата на ВИ-центрите врз нашата животна средина на федерално ниво?

Како ќе влијаат вештачката интелигенција и роботиката врз надворешната политика и начинот на војување? Тажно е што на средината на 21 век сè уште немаме механизам за решавање меѓународни или внатрешни спорови без вооружени конфликти. Сепак, лидерите често се колебаат да започнат војна поради страв од реакцијата на јавноста за загубените животи. Ниту една влада не сака премногу загинати цивили или војници во војна.

Каква ќе биде иднината ако луѓето ги заменат милиони борбени роботи? Дали лидерите ќе бидат посклони кон војна или кон закани со воени акции ако не мора да се грижат за човечки жртви? Дали ќе дојде до трка во вооружувањето роботи? Како тоа ќе ја обликува надворешната политика на различни земји во светот?

Дали вештачката интелигенција претставува егзистенцијална закана за човечката контрола над планетата? Некои од нас ја паметат сцената од одличниот научнофантастичен филм од 1968 година „2001: Одисеја во вселената“, во која ХАЛ, суперинтелигентниот компјутер што го контролира вселенскиот брод, се буни против своите човечки господари. Денес, додека вештачката интелигенција брзо напредува, д-р Хинтон вели дека е само прашање на време кога вештачката интелигенција ќе стане попаметна од луѓето. Дали луѓето ќе го загубат приматот во контролата врз нашата планета? Како да ја спречиме таа огромна закана?

Ова се само некои од прашањата на кои мора да се даде одговор. Вештачката интелигенција и роботиката се револуционерни технологии што ќе покренат трансформација на општеството без преседан. Дали тие промени ќе бидат позитивни и ќе ги подобрат животите на Американците или ќе бидат катастрофални – зависи од нас.

Вијести

(Авторот е американски политичар и активист)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот