Пречки во пристапот до здравствена заштита во казненопоправните установи

Фото: EPA-EFE/FRIEDEMANN VOGEL

Само во месец декември до Хелсиншкиот комитет се обратија четири осудени лица од КПУ Битола и КПД Идризово кои се пожалија дека медицинската терапија им е намалена без препорака од доктор специјалист, им се дава во помали количини, не им се дели за време на викендите или пак осудените лица се приморани од сопствени средства да ја платат половина од сумата за терапијата.

Законот за извршување на санкции во членот 182 предвидува дека на осудените лица им е гарантирано правото на здравствена заштита, а трошоците за здравствената заштита паѓаат на товар на Буџетот на РСМ.

Оттука, недозволиво е осудените лица кои најчесто се и невработени, сами да ја плаќаат својата медицинска терапија, да ја земаат во количина помала од онаа која ја утврдил доктор специјалист или пак да не ја земаат континуирано за време на викендите поради отсуство на медицинско лице во установата.

Потсетуваме дека несоодветниот пристап до здравствена заштита може да доведе до нечовечко и нехумано постапување кон осудените лица, поради што за сите овие случаи ќе побараме да биде спроведен надзор од страна на Управата за извршување на санкции.

Здравствената заштита во Република Северна Македонија претставува загарантирано право предвидено со член 39 став 1 од Уставот, според кој на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.

Покрај тоа што во 2019 година Управата за извршување на санкции започна да го плаќа здравственото осигурување за сите осудени лица, пристапот до ова основно право на осудените лица сè уште не се остварува непречено и претставува еден од горливите проблеми во казнено поправниот систем за кој е потребен системски пристап.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот