Гробишта Ѓорче Петров / Фото: Википедија

Празнично апсење на гробиштата во Ѓорче Петров – лажен поп пеел за покојните на Задушница

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) за „Слободен печат“ потврдија дека станува збор за лицето Б.П., кое било затекнато како извршува обред, и дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Необичен инцидент се случил на гробиштата во скопската населба Ѓорче Петров, кога полициски службеници легитимирале човек што изведувал верски активности за време на празникот Задушница.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) за „Слободен печат“ потврдија дека станува збор за лицето Б.П., кое било затекнато како извршува обред, и дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На социјалните мрежи веднаш се појавија сведоштва и коментари дека човекот бил облечен во свештеничка мантија, држел кандило и нудел да „пее“ за покојници, но очигледно не бил вистински поп.

Кога пристигнала полицијата, неколкумина полицајци го привеле, а посетителите на гробиштата останале збунети.

Од МВР не откриваат повеќе детали, само велат дека случајот се расчистува.

„На 01.11.2025 на гробиштата во Ѓорче Петров во Скопје, постапувајќи по претходна пријава, од страна на полициски службеници од ОКР Ѓорче Петров легитимиран е Б.П., кој извршувал верски активности. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, изјавија од МВР за „Слободен печат“.

Граѓаните, пак, коментираат дека вакви сцени на задушница не се гледаат секој ден. „Е, моја чудесна Македонија“, напиша еден од очевидците.

„Замислете мои волковчани и ѓорчепетровци, на Задушница, одиш како човек на гробишта за да ги посетиш починатите, да им оддадеш почит и бараш поп. И кога едвај го наоѓаш и го викаш да го испее гробот, и кога оп – од нигде никаде скокаат 4-5 полицајци да го апсат попот. Зошто? Затоа што, всушност, не бил поп, туку некој човек што си нарачал мантија и кандило и си рекол: ‘Сега ќе му е мајката, на жалоста на луѓето пари ќе правам’. Го апсат, го носат во полициска станица, а гробот остана неиспеан. Е моја чудесна Македонија“, напиша корисник на социјалната мрежа Фејсбук.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот