Правобранителот со забелешки за онлајн наставата: Да се подобри системот и да се создадат услови за сите ученици

Народниот правобранител констатирал дека дел од учениците немале пристап до потребната технологија, средства и интернет за реализација на зададените задачи од страна на наставниците, а не ја добивале на исто ниво ниту поддршката за совладување на материјалот.

Образовните институции не беа целосно подготвени за далечинско учење, особено на почетокот на корона-кризата, а притоа најпогодени од состојбата се учениците во руралните средини, учениците од социјално загрозените семејства, како и учениците со попреченост, забележува Народниот правобранител во мислењето што го доставил до министерот за образование Арбр Адеми.

Народниот правобранител констатирал дека дел од учениците немале пристап до потребната технологија, средства и интернет за реализација на зададените задачи од страна на наставниците, а не ја добивале на исто ниво ниту поддршката за совладување на материјалот, што дополнително води до нееднаквост и неможност за целосно вклучување во процесот на учење и совладување на знаења, умеења и вештини. Според Народниот правобранител, учењето од дома и натаму ќе остане предизвик и бара МОН да изготви унифициран систем за реализација на наставата.

„Во текот на онлајн наставата, од средината на март до крајот на учебната година, училиштата и наставниците не добија унифициран систем, издржана платформа преку која секојдневно ќе комуницираат со учениците и ќе ја реализираат наставата. Платформата „Едуино“ не беше системско решение што беше општоважечко и обврзувачко за секое училиште, односно за секој ученик“, се вели во дописот до МОН потпишан од заменик-народниот правобранител Васка Б. Мустафа.

Дополнителни проблеми на кои реагираат учениците, родителите и старателите се преобемниот наставен материјал што самите ученици, помогнати од своите родители, требаше да го совладаат, онлајн оценувањето, немањето соодветни инструкции од ресорното министерство до наставниот кадар и до стручните служби во училишта како да ги поддржат учениците што се соочуваа со низа негативни психолошки ефекти. Поради тоа за дел од учениците наставата на далечина беше само формалност, а не вистинска замена за редовната настава, односно наставата повеќе се базираше на импровизации, а не на системски, сериозно разработени решенија и добро осмислен план, укажува Народниот правобранител.

Проблеми пријавиле и средношколците: недоволно ресурси, неприлагодена наставна програма, недостаток од онлајн платформа од Министерството за образование и наука, особено за стручните училишта, немање упатства за реализација на практична настава, недостаток од обуки за користење на ИКТ во наставата преку кои би се зајакнале компетенциите на наставниците за далечинско учење, немање техничка опрема на дел од наставниците и учениците и сл.

„Потребно е итно да се пристапи кон подготовка, мониторирање и евалуација на инклузивните едукативни политики насочени кон поддржување на учениците од неповолните групи, особено во поглед на дигитализација на образованието, за што овие ученици треба да бидат добро подготвени (и од технички аспект, но и од аспект на развој на нивните ИТ-вештини). Покрај наведеното, и наставниот кадар исто така, треба да биде добро подготвен за дигитализацијата на наставата, особено оние наставници кои работат со учениците од неповолните групи, па во тој контекст за наставниците е потребно итно организирање обуки како би можеле во иднина да излезат во пресрет на потребите на своите ученици“, смета Народниот правобранител.

Народниот правобранител очекува МОН сериозно да го разгледа мислењето, а за преземените мерки да го извести Народниот правобранител во рок од 30 дена од приемот, согласно со член 34 од Законот за народниот правобранител.

Истражување: Родителите повеќе се за онлајн настава отколку за класична

 

Најбезбеден услов за образовниот процес е онлајн наставата, покажа истражувањето на „Меѓаши“. Дури 50,8 отсто од анкетираните родители се изјасниле за вакво образование на нивните деца за време на пандемијата од ковид-19. Од друга страна, 44,7 отсто се за комбинирана настава, онлајн и физичко присуство на децата во училиштата со сите запазени протоколи и во помали групи, а 35,3 отсто од испитаниците се залагаат децата да одат во смени, поделени во помали групи, со запазени протоколи за безбедноста во училиштата. Во однос на онлајн наставата во изминатиот период дури 58.2 отсто од родителите рекле дека децата имале подобри оценки, но се стекнале со помалку знаење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот