Познатата актерка Аница Добра е гостинка на филмскиот фестивал „Синедејс“ во Скопје
Богата, празнична програма носи 24-тото издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“ на 8 декември во МКЦ.
Препорачано
Во киното „Фросина“, со почеток од 20 часот, ќе биде прикажан филмот „Бело се пере на деведесет“ во режија на словенечкиот режисер Марко Набершник, во кој главната улога ја има легендарната српска актерка Аница Добра, која е и гостинка на проекцијата. Филмот е македонска копродукција, каде учесник е продукцијата „Црна мачкa“ од Скопје и продуцентот Томи Салковски.
Филмот „Бело се пере на деведесет“ е трогателна, инспиративна и проткаена со хумор приказна за животот на Броња, додека ја следиме низ различни фази од животот. Нејзиното безгрижно детство ќе биде прекинато од загубата на нејзината мајка болна од рак, а во доцните тинејџерски години и таа самата мора да се соочи со подмолната болест. И покрај бројните и речиси непремостливи предизвици, Броња успева да ги надмине со солзи, смеа и непоколеблив оптимизам.
Филмот, инаку адаптација на истоимениот автобиографски роман на словенечката писателка Броња Жакељ, којшто доживеа меѓународен успех и беше издаден и на македонски јазик, го прикажува патот до созревањето на Броња во текот на 80-тите и 90-тите години од минатиот век и преку нејзината лична трансформација им нуди надеж и инспирација на гледачите.
Филмот е направен во копродукциска соработка меѓу шест земји – Словенија, Италија, Хрватска, Србија, Северна Македонија и Црна Гора, со поддршка од Словенечкиот филмски центар и „Виба Филм“ Љубљана, ФВГ Филмски фонд, Хрватскиот аудиовизуелен центар (ХАВЦ), Филмскиот центар на Србија, Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Црна Гора и Европскиот фонд за копродукции „Еуримаж“. Во реализацијата на овој филм, на главната продукциска куќа „Перфо“ од Словенија ѝ се приклучија „Квазар Филм“, „Кинорама“, „Биберче“, „Протос Филм“, а македонски копродуцент е „Црна мачка продукција“.
По таа проекција, во киното ќе биде прикажан музичкиот документарен филм „Фанк-ЈУ“ во режија на Бранко Дујмиќ, посветен на југословенската фанк сцена.
Во Денсинг салата во МКЦ, со почеток од 19 часот, ќе има проекција на филмот за легендарниот хрватски музички состав „Хаустор“ со наслов „Трет свет“ во режија на Арсен Оремовиќ, каде гостин е режисерот на филмот.
Други филмови на репертоарот на фестивалот за 8 декември се „Тајниот агент“ во режија на Мендоса Фило, филм кој беше номиниран за наградата „Златна палма“ на овогодишниот Кански филмски фестивал, како и кратки филмови и филмови од натпреварувачките селекции.


