Повкусни и од купечките: Неколку совети како да испечете совршени костени дома!
Сезоната на костени е во полн ек, а некако купените на улица се секогаш повкусни од оние што ги подготвуваме дома. Ако обожавате да јадете костени, но ве мрзи постојано да одите во град за да ги купите, ве советуваме како совршено да ги направите дома, без многу мака и труд.
Препорачано
На шпорет
Ако одлучите да печете костени на шпорет, најдобро е да изберете плиток плех со дупки (често се користи за печење тесто за пица). Исто така, костени можете да испечете и во тава, но прво засечете ги со нож на површината за полесно да се отворат.
Во рерна
За печење во рерна, костените прво засечете ги на површината, а потоа потопете ги во вода околу 10 минути. Потоа ставете ги во плех и печете ги во загреана рерна на 250 степени додека не се готови.
На скара
Доколку имате скара на тераса или во двор, ќе успеете да испечете совршени костени. Како и обично, засечете го врвот на костените, па наредете ги на алуминиумската фолија на која сте направиле дупки. Испечете ги на скара.
Варење во тенџере
За која термичка обработка и да се одлучите, најважно е да ги засечете костените на врвот. Се ставаат во студена и посолена вода и се варат од половина до еден час.
Еден од најдобрите начини да ги испечете костените и да уживате во нивниот неповторлив вкус е следниот:
За почеток ви требаат свежи костени и нож. Но, не кој било!
За да избегнете исеченици, земете остар нож за леб. Секој костен исечете го во ширина, додека лушпата убаво не се отвори.
Потоа во тенџере префрлете ги исечените костени, додадете вода и малку сол.
Оставете да се крчка додека не зоврие, а потоа извадете ги костените од водата, префрлете ги во плех и ставете во рерна загреана на 220 степени да се печат 15 минути.
Кога ќе се испечат костените, ставете ги на чинија, покријте ги со крпа и оставете да отстојат околу 5 минути. Ова ќе го олесни чистењето.
Уживајте!


