„Потрага по скриеното“, нова збирка раскази на Драгица Најческа

Неодамна излезе од печат најновата збирка раскази на нашата писателка Драгица Најческа.

„Потрага по скриеното“ е збирка од шеснаесет раскази дискретно поделени во неколку целини (неименувани циклуси) која на еден достоинствен, издржан начин нѐ потсетува дека нарацијата е телото на прозата, без оглед дали и како тоа е „облечено“.

И со што. Есенцијата на раскажувањето е приказна (фабула), а Најческа е блиска со приказните. Ги тегне низ времето кое одлично го познава, и како жена и како писателка, низ децении, без да ги излити, зашто тонот на нејзината проза секогаш е длабоко човечки и лирски; и кога пишува за војната (Втората светска или поновата, на територијата на поранешната СФРЈ), и кога пишува за (не)мирот и (не)правдите, за (не)моралот и (не)верноста, за (не)мајчинството, порано и сега,.. и кога пишува за сето она помеѓу нештата, ОД кое било Едно ДО кое било Друго. Психологијата на ликот е она што е најцврстата точка во нејзините економично фабулирани приказни/раскази, но мигот што се одбира за да се раскаже нешто големо – секогаш се одбира мошне внимателно. И прецизно. Кусо. Јасно. Некогаш се почнува in medias res (како во расказот „Татко“, на пример) и првите реченици нѐ внесуваат право во суштината на „случката“-расказ (со директен говор, што е особено ефектно); некогаш со широк наративен пасаж низ кој со зумирање ќе се приближиме до суштината… Суштината е задолжителна кај Најческа, од расказ до расказ различни се само пристапите, приодите до неа.

Личното, ама она поголемото од само еден човек; повторливото кое секогаш е одново и одново преживувано… го има буквално во сите раскази. И кога се засега проблемот на мајчинството, родителството („Смрт во бело“, „Татко“, „Измама“, „Бегство“, „Добрината на докторот“, „Не обична мајка“), сиромаштијата („Кошула“, „Мекици“, „Леб“, „Мирисот на топлата пита“), и кога приказните се со поширок општествен ангажман (ангажманот кај оваа авторка секогаш е во строг книжевен формат, без „излетување“ од литературата, без никаква осуда на престапите, дури со нивно целосно покривање со разбирање: „Јанко и Менка“, „Одродување“, „Сведок“, „Голооточката скулптура на Тито“), и кога поврзувањето на луѓето со животните е предадено многу лирски и симболично („Немири“), Најческа секогаш се држи до психолошкиот профил, до доживувањето, не до описот, не до големите, широки слики и општествени панорами. Се држи до состојбата во конкретниот миг, предизвикана од нешто претходно, или предизвикувач на нешто идно. Точката од која пишува Најческа е секогаш многу внимателно одбрана и совршено јасна. Вообичаено е ширењето на фабуларната нарација да биде на сметка на намалување на сентименталното, а зголемување на психолошкиот резултат – производ на сентиментот,.. но Драгица Најческа е авторка кај која едното и другото секогаш беа и се во баланс, а еве ги и сега на совршено мирна и контролирана вага во најновите раскази.

Извадок од поговорот „Од подалеку за од поблизу“
на Оливера Ќорвезироска

Збирката раскази „Потрага по скриеното“ можете да ја најдете во книжарниците на Литература.мк.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот