„Потпретседателите не се укинати, ама нема ни нови“ – Ковачки го објасни потегот на Мицкоски
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по освоеното апсолутно мнозинство на партискиот Конгрес, има целосен легитимитет во периодот што следи да обезбеди еднакви и фер услови за идната внатрепартиска трка за нов лидер. Ова го истакна новиот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, потенцирајќи дека станува збор за легална и одговорна одлука на партискиот врв.
Препорачано
Ковачки нагласи дека не се укинуваат функциите на потпретседателите на партијата, туку во овој момент нема именување нови лица на тие позиции.
Според него, поранешните потпретседатели и понатаму се дел од Извршниот комитет, кој функционира како тело директно под раководство на претседателот на партијата.
– Тоа е одлука на претседателот, која ја почитуваме и целосно ја поддржуваме. Сите шпекулации во јавноста за наводно укинување на овие позиции се непотребни. Напротив, поранешните потпретседатели активно учествуваат во Извршниот комитет, каде заеднички се дискутираат и креираат политиките на партијата – изјави Ковачки во гостување на Сител телевизија.
Зборувајќи за новиот состав на Извршниот комитет, Ковачки посочи дека има промена од околу 20 до 25 проценти и дека станува збор за комбинација од искусни кадри и помлади членови.
– Составот претставува спој на луѓе со различни портфолија и искуства, како од извршната, така и од законодавната власт. Истовремено, вклучени се и помлади лица кои носат свежина и ќе придонесат во спроведувањето на политиките на партијата – истакна тој.
Тој најави дека новиот Извршен комитет во текот на наредната недела ќе ја одржи својата прва седница, на која ќе се распишат огласи за избор на претседатели на општинските комитети.
– Следуваат огласи за локалните раководства, внатрепартиска реорганизација, кадровско освежување и сериозна подготовка за идните парламентарни избори, како и структурирање на партијата за периодот што следи – рече Ковачки.
Наесен, додаде тој, планирано е ажурирање на членството и отворање на партијата за нови кадри, особено во сегменти поврзани со здравството, образованието, економијата и новите технологии, со цел долгорочна подготовка за преземање одговорност и за партијата и за државата во наредната декада.
– Вистинските лидери размислуваат однапред, преземаат мерки и се подготвуваат за идните предизвици – нагласи Ковачки.
Во однос на политичките противници, Ковачки ја оцени СДСМ како полураспадната партија и реагираше на, како што рече, лагите и манипулациите што се пласираат во јавноста на негова адреса.
Тој појасни дека поседува највисок национален безбедносен сертификат – државна тајна, кој му бил издаден во период кога на власт биле СДСМ и ДУИ, а не ВМРО-ДПМНЕ.
– Ова е највисокиот степен на безбедносен сертификат што постои во државата. Дополнително, го поседувам и највисокиот НАТО сертификат – рече Ковачки, додавајќи дека е и предводник на македонската делегација во НАТО парламентарното собрание и учесник на неговите затворени седници.
Според него, ваквите напади не ѝ штетат само на партијата, туку и на државата, порачувајќи дека политичките опоненти, доколку сакаат да се претстават како одговорна и државотворна опција, треба да се насочат кон креирање реални и одржливи политики, наместо кон лични напади.


