Потпишани договори со општините за 828 инфраструктурни проекти вредни 14 милијарди денари
Во Владата денеска беа потпишани договорите со општините кои аплицираа и беа избрани на вториот повик за финансирање на инфраструктурни проекти. Вкупната вредност на потпишаните договори изнесува околу 14 милијарди денари, со што заедно со првиот повик, финансирањето достигнува приближно 20 милијарди денари за вкупно 1.200 проекти низ целата држава.
Препорачано
Премиерот Христијан Мицкоски, во своето обраќање пред потпишувањето, нагласи дека посебна важност има фактот што на повикот аплицирале сите општини, без разлика од која политичка партија се градоначалниците.
– За нас како Влада е многу значајно дека од сите општини, без разлика дали градоначалникот доаѓа од владината коалиција, опозицијата или е независен, се поднесоа проекти и денеска ќе ги потпишеме договорите за нив – изјави Мицкоски.
Со овие 14 милијарди денари ќе се финансираат 828 нови проекти.
Премиерот најави и континуирана соработка со општините и со градежниот сектор за реализација на идните инвестиции.
Дополнително, Мицкоски изрази задоволство што на повикот на Министерството за финансии за финансирање на изградбата на брзата пруга од Коридорот 10 се пријавиле реномирани банки од САД, Обединетото Кралство, Франција, како и домашни финансиски институции.


