Потпалувањата не престануваат – се палат гуми, бакарни кабли, сува трева
Најголем дел од пожарите од кои гори Македонија летово се подметнати, намерно или ненамерно, а досега се приведени 27 потпалувачи и поднесени им се 19 кривични пријави, покажуваат податоците кои Министерството за внатрешни работи ги достави до „Слободен печат“ за периодот од почетокот на април до крајот на јули.
Препорачано
– Најголемиот број на настанати пожари е утврдено дека се предизвикани од човечки фактор, со различни мотиви и се преземаат мерки и активности за расчистување на случаите и откривање на нивна евентуална меѓусебна поврзаност – велат од Министерството.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во екот на најголемите пожари низ земјава рече дека дел од пожарите се подметнати, но и дека имало докази за организирана група која намерно потпалувала.
– Оние кои беа пиромани и кои индивидуално палеа пожари ги фативме. Не сите, но фативме добар дел од нив. Но, особено првиот ден кога настанаа огромен број пожари околу Скопје и имаше многу симптоматична и временска и подрачна појава на пожарите околу витални објекти од значење на државата, во однос на тие пожари имаме основани сомненија дека станува збор за организирана група, за којашто ќе видиме понатаму која ѝ била целта – изјави Тошковски.
Сепак МВР официјално сѐ уште ја истражува евентуалната меѓусебна поврзаност, а од Обвинителството за „Слободен печат“ велат дека досегашните пријави од МВР не наведуваат дека се потпалува организирано.
– Јавното обвинителство води постапки во сите наведени случаи во кои се поднесени кривични пријави. До овој момент, пријавите не наведуваат дека делото го врши организирана група – велат од Обвинителството за „Слободен печат“.
Најспецифичен е случајот со тројцата странски малолетници од Велика Британија кои беа приведени при обид да предизвикаат пожар со бензин и запалка заради предизвик на тик-ток. Полицијата ги фати во близина на Ајватовски рид, а кај нив нашле две шишиња со бензин, запалка, течен лепак и петарди.
Индиции за организирано подметнување на пожарот се спомнаа кога беше објавена фотографија на остатоци од запалена гума снимена кај Смилковци.
– Притоа, на местото каде се појавил пожарот е најдена, откриена, надворешна гума која до половина е изгорена – изјави Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Деновиве Ангелов соопшти дека бил спречен уште еден обид за подметнување на пожар. Шумочуварите од Национални Шуми на Осоговските планини нашле и отстраниле повеќе од 30 нафрлани автомобилски гуми, картон за потпалување, внатрешни гуми и суви борови стебла и гранки.
– Апелираме до сите граѓани, доколку забележат сомнително однесување кое укажува на намера за предизвикување пожар надвор од населено место како што се гуми, даски, дрвени палети, пластични шишиња или туби со течност која наликува на бензин, итно да се јават на бројот 112 или да пријават во најблиската полициска станица или на кој било припадник на полицијата или друга безбедносна служба – рече Ангелов.
Неколку случаи на палење на бакарни кабли
Од случаите кои се објавени во јавноста се знае дека пожари се подметнувале уште во април. Така стружанец беше уапсен кога во нива во близина на регионалниот пат Струга – Калишта запалил отпад, па огнот се проширил на барака и на нискостеблеста вегетација.
– На 08.07.2025 обработувајќи нива во атарот на истото село, тој предизвикал пожар кој брзо се проширил на соседните ниви, засадени со житни култури, како и на блиската депонија – соопшти МВР.
Пред неколку дена беше уапсен седумдесет и едногодишен жител на Демир Капија кој се сомничи дека во 10 часот предизвикал пожар на место викано „Горна Лака“ во близина на Демир Капија, од кој биле зафатени сува трева, нискостеблеста шума и два лозови насади. Исто така, тој се сомничи дека околу 15 часот во близина на истото место предизвикал пожар од кој биле зафатени шума и земјоделска површина.
Кумановец, пак, пијан со 2.40 промили алкохол во крвта, со молотов коктел запалил сува трева на влезот на кумановската населба Средорек.
Малолетник од Куманово пак е приведен откако бил затекнат при обид да запали кабли.
– На 13.07.2025 во 12.50 часот полициски службеници од СВР Куманово лишиле од слобода малолетник од Куманово, затоа што во место викано „Бавчи“ во Куманово бил затекнат при обид да запали бакарни кабли. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава – соопшти МВР.
Иста шема со палење на оган и горење на кабли е регистрирана и во Скопје.
– На 12.07.2025 во 00.05 часот во Скопје на подрачјето на Карпош полициски службеници од СВР Скопје лишиле од слобода 15-годишник од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување на општа опасност“ по чл.288 од КЗ. Тој бил затекнат од страна на полициски службеници во кругот на фирма на улица „Скупи“, каде запалил оган и горел кабли. Пожарот е изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита, а со малолетникот е извршен службен разговор, во присуство на неговата маќеа и адвокат – соопшти МВР.
Ист случај, истиот ден е регистриран на улица „Лазар Личеновски“ во Скопје откако кај скопјанец биле најдени запалка, најлонска вреќа во која имало запалени кабли, метални и бакарни предмети.
Околу 40-тина пожари дневно
Во дебарско, пак, беше приведена жена која предизвикала пожар на сува трева во дебарското село Долно Косоврасти. Во скопско Огњанци беше затекнат шеесет и едногодишен жител на селото како пали сува трева и ѓубриште.
Тетовец пак бил приведен откако на неговата нива во Тетово вршел земјоделски работи и на три места во нивата запалил сува трева и отпадоци, а нивата била во близина на бензинска пумпа во Тетово.
Полицајци при вршење патрола на патот помеѓу скопските села Кадино и Миладиновци забележале црн чад и привеле двајца кумановци кои имале запалени кабли во близина на сува трева и ѓубре, односно дива депонија. Скопјанец беше приведен и во Ѓорче Петров откако запалил сува трева во тревник во населбата.
Радовишанец пак запалил сува трева, огнот брзо се проширил и зафатил нискостеблеста шума додека користел апарат за заварување од чии искри тревата пламнала.
Последниот обид за потпалување беше забележан на Средна Водно каде имало натрупан дрвен отпад на едно место.
– Биле пронајдени остатоците од дрвен отпад и хартиени кеси покриени со гранки – соопшти полицијата.
Намерно подметнат е и пожарот кај преспанското село Долно Перово кој се гаси со два ер трактори.
Дирекцијата за заштита и спасување се соочува со зголемен број на пожари низ цела држава, просечно се бележат околу 40 пожари дневно, а третиот авион кој е на сервис, се очекува да биде ставен во функција во текот на август.
Во меѓувреме, Владата објави јавен оглас за ангажман на 400 невработени лица за учество во гаснење на шумски пожари, за месечен надомест од 24.000 денари. Досега се пријавиле помалку од 500 кандидати, а најмал интерес е забележан во Скопје.
Ангелов апелираше и до сопствениците на викендички и куќи во рурални средини да преземат мерки за самозаштита, преку орање или копање заштитни појаси околу своите имоти.
И покрај големиот број потпалувачи, ретки се судски случаи со вакви ситуации или со подметнување на пожари пред сѐ со гуми. Во кривичниот законик постои дело „Предизвикување на шумски пожар“ во член 277 со кој се предвидени високи казни кои немаат законски предвиден максимум што значи може да се движат до 20 години. За кривично дело „предизвикување шумски пожар“ поради кој ќе настапи штета од големи размери предвидена е минимална казна од 8 години затвор, а доколку исто лице предизвика два или повеќе големи шумски пожари, минималната казна е повисока и изнесува 10 години затвор. За предизвикување шумски пожар од небрежност, предвидени се пониски казни, од 3 до 5 години затвор. Но, многу често, во судската пракса предизвикувачите на пожарите во шумски или други предели, не се гонат за ова конкретно дело туку за „предизвикување општа опасност“ за кое се предвидени пониски казни.


