Потегот на Роналдо ја чинеше Кока Кола дури четири милијарди долари
Потегот на ѕвездата на Португалија, Кристијано Роналдо на прес-конференцијата кога го тргна шишето на Кока Кола, му предизвика финансиски удар на производителот на безалкохолни пијалоци. Вредноста на акциите на Кока Кола падна за дури четири милијарди долари откако Роналдо ги тргна двете шишиња кои беа пред него.
ВИДЕО: Роналдо поради „Кока-Кола“ направи шоу на прес конференција!
Португалецот е познат како спортист кој посветува огромно внимание на своето тело, односно внимава на исхраната и е заговорник на здравите пијалоци, а не на тие како Кока Кола.
Роналдо токму тоа и го направи, ги тргна двете шишиња на Кока Кола кои беа пред него и на сите им порача да пијат вода и тој потег ги урна акциите на производителот на безалкохолни пијалоци.
Вредноста на една акција на Кока Кола пред потегот на Роналдо вредеше 56.10 долари, а потоа падна на 55.22 долари, со што вредноста на компанијата се намали за дури четири милијарди, односно од 242 падна на 238 милијарди долари.
Ова не е прв пат Роналдо да зборува против Кока Кола, а призна дека се обидува да го одвикне својот син да го конзумира овој пијалок.
– Мојот син повремено пие Кока Кола или Фанта и јаде чипс, иако знае дека тоа не го одобрувам – зборуваше Роналдо во минатото.