Последниот број на продемократскиот весник во Хонг Конг излегува утре

Последниот број на продемократскиот хонгконгшки весник „Епл дејли“ ќе биде објавен утре, објави управата на дневниот весник.

Одлуката е донесена денес, помалку од една недела по замрзнувањето на 2,3 милиони долари, средства поврзани со весникот и по апсењето на неговите пет уредници и директори.

„Епл Дејли одлучи дека дневниот весник ќе престане со своите активности од полноќ и 24 јуни ќе биде последниот ден од објавувањето“, објави весникот на неговиот интернет портал.

Управниот одбор објави дека печатените и онлајн изданијата ќе престанат да се објавуваат најдоцна до сабота поради „сегашните околности што владеат во Хонг Конг“, пренесе агенцијата АП.

Полицијата во Хонг Конг минатата недела уапси пет уредници и директори на „Епл Дејли“, вклучувајќи го и главниот уредник Рајан Ло, повикувајќи се на Законот за национална безбедност.

Новинарите беа уапсени поради постоење на „дослух со странска држава со цел да се загрози националната безбедност“, наведува полицијата.

Политичката атмосфера во Хонг Конг, поранешна британска колонија, значително се влоши по сузбивањето на демократското движење, кое во 2019 година масовно го мобилизираше населението на улиците протестирајќи против влијанието на централните власти од Пекинг.

Тогаш властите усвоија закон за национална безбедност во кој се наведува дека во Хонг Конг можат да владеат само „патриоти“. Законот, кој предвидува и доживотен затвор, се однесува на злосторства поврзани со отцепување, субверзија, тероризам, но поради нејасна формулација, властите го користат и за казнување на неистомислениците.

Досега повеќе од 100 лица се уапсени според законот за безбедност, вклучувајќи го истакнатиот активист за демократија и медиумски тајкун Џими Лаја, издавач на „Епл дејли“.

Управата на весникот претходно објави дека ќе престане да излегува до крајот на неделава, доколку властите не ослободат дел од имотот за да и дозволат на компанијата да исплаќа плати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот