После една доза вакцина против ковид-19 однесувајте ce како да не сте вакцинирани!

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Експеритите се децидни дека инфекција со ковид-19 е можна дури и кога сте вакцинирани со една доза. Секој може да се зарази во тој меѓупериод од седум до осум недели, колку што е најдолгиот период од приемот на првата и втората доза и развојот на имунитет.

Една доза од вакцината против ковид-19 не гарантира дека нема да се заразите од болеста. Претседателот на Комисијата за заразни болести доктор Жарко Караџовски вели дека секој може да се зарази во тој меѓупериод од седум до осум недели колку што е најдолгиот период од приемот на првата и втората доза и развојот на имунитет. Причината за ова е што антителата кои штитат против вирусот се создаваат по неколку недели од примањето на втората доза.

– Секој имунолошки систем е различен, но она што треба да се знае е да не се залажуваме дека по приемот на една доза не можеме да се заразиме. Дури и две три недели по приемот на втората доза. Додека не помине тој период, исто како да не сме вакцинирани, вели Караџовски.

Од почетокот на пандемијата, од вкупно 147 илјади граѓани кои се заразиле со коронавирусот, повторна инфекција по вторпат, развиле само 116 луѓе, што значи дека повторното заразување е релативно ретко, иако се случува. Случајот со двајца медицински работници во кумановската болница кои лани се инфицираа со ковид 19 по вторпат, кога немаше вакцина, покажа дека нема правило како ќе се развива болеста вториот пат. Кај некои пациенти состојбата е полесна од првиот пат, кај некои потешка и со посериозна клиничка слика.

Министерството за здравство на својот сајт за информации за вакцинацијата информира дека иако сте вакцинирани против ковид 19, сепак може да бидете изложени на вирусот.

– По изложувањето, луѓето можат да бидат заразени или да го „носат“ вирусот што предизвикува ковид-19, но не се чувствуваат болни или имаат какви било симптоми. Експертите ја нарекуваат оваа состојба „асимптоматска инфекција“. Од оваа причина, дури и по вакцинацијата, треба да продолжиме да ги почитуваме мерките за заштита, бидејќи учиме повеќе за тоа како вакцините против ковид-19 функционираат во реални услови, велат од Министерството.

Прерано е да се знае и дали вакцините против ковид ќе обезбедат долгорочна заштита. Потребно е дополнително истражување за да се одговори на ова прашање. Сепак, охрабрувачки е што достапните податоци сугерираат дека повеќето луѓе кои се опоравуваат од ковид-19 развиваат имунолошки одговор, кој обезбедува барем одреден период на заштита од реинфекција – иако сè уште се истражува колку е силна оваа заштита и колку трае. Повеќето вакцини против ковид што се користат се даваат во две дози.

Иако вакцините не нудат комплетна заштита од инфекцијата, нудат голема надеж дека нема да дојде до тешка клиничка слика и хоспитализација при заразувањето и исклучително ја намалуваат смртноста. Тие го учат имунолошкиот систем како да го препознае и да се бори против вирусот што предизвикува ковид-19.

Во земјава се знае за еден случај на медицински работник вакциниран со вакцината на „Фајзер“ во Србија, кој девет дена по примањето на првата доза се разболел од ковид и завршил во болница, под кислородна поддршка. Сепак, според нашите информации неговата состојба се стабилизирала и тој веќе не е хоспитализиран.

Дваесетина институции ја следат состојбата со епидемијата, дијагностиката и со ПЦР тестовите во земјава.

– Од нив може да се добијат податоци дека реинфекциите со ковид се должат на невнимателност, генерално станува збор за лица кои верувале дека нема да се заразат, а контактирале со болни. Можно е еден дел од нив да се заразени со британскиот сој, кој вирус е за 50 до 70 проценти позаразен од првичниот, а е присутен во Македонија. Не можеме никому да му кажеме дека е сигурен, циркулираат и други соеви, бразилски, јужноафрикански. Постојат над 4 000 мутации, многу од нив не се со идентични симптоми кај заразените, рече Караџовски на неодамнешната прес-конференција посветена на реинфекциите.

Сепак, на граѓаните и на вакцинираните и на невакцинираните им се препорачува максимална претпазливост, носење маска, одржување дистанца и неконтактирање во поголеми групи, зашто за нив инфекцијата е можна. Потребен е период од две до три недели максимална внимателност и по втората доза, додека не се создаде ефектот од вакцината, односно антителата, три недели по втората доза.

Вакцините на „Фајзер“, „Модерна“ и „Астра-Зенека“ не можат да покажат позитивен тест за ковид-19 за да се види дали имате тековна инфекција зашто самите не го содржат коронавирусот. Според американскиот центар за контрола и превенција на болести ЦДЦ, ако телото развие имунолошки одговор што е целта на вакцинацијата, тогаш можно е да се појави позитивен резултат на некои тестови за антитела, кои кажуваат дека некој имал претходна инфекција.

Досега во Македонија се вакцинирани над 35 илјади граѓани, од повозрасната категорија над 70 години, како и приоритетните групи од критичната инфраструктура.

Десет илјади дози од „Фајзер“ пристигнуваат денеска

Десет илјади вакцини на „Фајзер“ со авион прво до Софија, а потоа до Скопје, се очекуваат да пристигнат денеска, а втора пратка од истиот производител од нови 10 илјади дози се очекуваат на 26 април. Вторите дози ќе се користат за ревакцинација.

Кон крајот на април се најавени 200 илјади кинески вакцини кои што ќе се користат според возрасните групи. Досега во земјава вакцина примиле над 35 илјади граѓани. Преостанати се околу 10 илјади дози од „Астра Зенека“, три илјади од руската „Спутник В“. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека состојбата со болничките капацитети и напливот на новозаразени полека стивнува, односно рестриктивните мерки, меѓу кои продолжен полициски час и затворање на угостителските објекти, даваат резултат.

Позитивна сум два месеци, а не ме изолираат, зошто?

Во Македонија има случаи каде граѓани се двоумат дали се реинфицирани, или пак ПЦР тестот и три месеци по првичната зараза им е позитивен зашто имаат остатоци од РНК на вирусот.

– Во февруари матичната ме извести дека сум позитивна. Минав со благи симптоми и бев во изолација. Во следниот период бев подобра но не баш најдобра. На 27 март направив антитела кои се ниски по што имав контакт со позитивно лице. По ова и јас развив болки во грлото, затнат нос, изгубив мирис и вкус, имав кашлица. Пак направив тест и пак е позитивен на ковид-19, ама овој пат за мене нема изолација зашто од првиот позитивен тест нема поминато три месеци. Односно, јас оваа недела сум на работното место и слободна сум да се движам без ограничувања. Објаснувањето на Министерството за здравство е дека јас веќе сум позитивна цели два месеци и не сум вирулентна за околината. Не се согласувам со ова тврдење и еве сакам да чујам мислење од докторите во групата, пишува пациентка во групата Ковид-19 искуства и совети на Фејсбук.

Доктор Никола Пановски, професор на Медицинскиот факултет вели дека во ваквите случаи се мешаат науката и бирократијата.

– Лице може да е ПЦР позитивно и точно дека го шири вирусот само во првите 10 дена. Во случајов се јавуваат симптоми на ковид покарактеристични од претходните. Реинфекција по еден месец е исклучително ретка но ако се случила, треба изолација. По првата инфекција нема антитела создадено, затоа поверојатно е дека тогаш ПЦР тестот иако докажал РНК на вирусот во носот, не се јавила инфекција, нема реакција на организмот, нема антитела. Затоа е поверојатно сега да се развила инфекцијата, и заради тоа требало сепак изолација. Секој случај треба посебно да се разгледа, а не бирократски да се носи одлука. Така се случува лица со позитивен ПЦР и карактеристични симптоми да не се во изолација, а лица со неутрализирачки високи концентрации на антитела да одат во изолација зашто имале контакт со позитивен три месеци откако прележале, вели доктор Пановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот