Поскапуваат електричните уреди
Цените на електронските уреди, од компјутери и паметни телефони, преку домашни апарати, па сè до автономни возила, влегуваат во фаза на раст. Во текот на 2026 година се очекува силен ценовен шок, чија главна причина е глобалниот недостиг на RAM меморија (меморија со случаен пристап) и неможноста на производителите да ја задоволат растечката побарувачка. Ситуацијата станува посериозна бидејќи технолошките гиганти како Nvidia, AMD и Google купуваат огромни количини на меморија со висок пропусен опсег (HBM) и DRAM. Во исто време, трите најголеми производители, Micron, SK Hynix и Samsung Electronics, кои практично го држат целиот пазар, не се во можност да обезбедат доволни количини.
Препорачано
Растот на цените на меморијата директно се одразува на деловните резултати на овие компании. Во последниот квартал, Микрон речиси ја зголеми нето добивката за трипати, Самсунг најавува слично зголемување на оперативната добивка, додека СК Хајникс веќе однапред ги распродаде сите капацитети за производство на RAM меморија за оваа година.
Иако производителите најавуваат нови инвестиции во производствени капацитети, дополнителен капацитет нема да биде достапен пред 2027 година. Дотогаш, пазарот ќе остане под силен притисок. Проценките покажуваат дека цените на DRAM меморијата (динамичка меморија со случаен пристап, која е побавна од статичната, но поевтина и најчесто се користи во компјутерите) веќе ќе се зголемат за 50 до 55 проценти во првиот квартал од оваа година во споредба со декември минатата година, што се смета за преседан без историски пример. Големите производители на меморија во моментов ги фаворизираат технолошките гиганти, што веќе има последици на пазарот на потрошувачка електроника. Компании како Епл, Ксиоами и Дел предупредија дека зголемувањето на цените на меморијата може да ги направи уредите поскапи за крајните корисници. Леново, од друга страна, започна да складира мемориски чипови минатата година, предвидувајќи недостиг.
Слични очекувања има и Самсунг, кој проценува дека недостигот на мемориски чипови ќе влијае на растот на цените во целата електронска индустрија, вклучувајќи ги и сопствените производи. Иако јужнокорејската компанија е најголемиот производител на меморија во светот, дури и нејзиното широко портфолио не е имуно на зголемувањето на трошоците за оваа клучна компонента, која е вградена во сè, од паметни телефони и лаптопи до поврзани домашни уреди и автономни автомобили.
– Ќе има проблеми со снабдувањето со полупроводници и тоа ќе влијае на сè – рече Вонџин Ли, претседател и раководител на глобален маркетинг, во едно интервју.
– Цените растат додека зборуваме. Секако, не сакаме да го префрлиме тој товар на потрошувачите, но ќе стигнеме до точка каде што навистина ќе мора да размислиме за прилагодување на цените на нашите производи.
Директорот за бизнис на Микрон, Сумит Садана, рече:
– Сведоци сме на многу остар и значаен раст на побарувачката за меморија, што далеку ги надминува нашите можности да ја снабдуваме. Растот на цените на меморијата директно влијае на вкупната цена на електронските уреди. Моментално, меморијата сочинува околу 20 проценти од цената на хардверот за лаптопи, додека на почетокот на 2025 година, тој удел беше помеѓу 10 и 18 проценти. Дури и експертите од технолошката индустрија беа изненадени од брзината со која цените на RAM меморијата пораснаа на потрошувачкиот пазар. Дин Билер, коосновач и технички директор на Juice Labs, рече дека го надградил својот компјутер со 256 GB RAM меморија за околу 300 долари пред неколку месеци.
– Кој можеше да знае дека ќе заврши како RAM меморија од 3.000 долари само неколку месеци подоцна – напиша тој на Фејсбук, пренесува CNBC.
Експанзијата на изградбата на центри за податоци базирани на вештачка интелигенција е клучен фактор зад невидената побарувачка за меморија со висок пропусен опсег. Овој исклучително профитабилен сегмент ја зголеми вредноста на акциите на Samsung и SK Hynix на рекордни нивоа, додека акциите на Micron скокнаа за дури 247 проценти во текот на изминатата година.
Производителите на меморија им даваат приоритет на серверите и клиентите за вештачка интелигенција, каде што побарувачката е најсилна, а клиентите се многу помалку чувствителни на зголемувањето на цените. Во декември, Микрон изјави дека ќе ги намали пратките на меморија за потрошувачки компјутери за да заштеди залихи за чипови со вештачка интелигенција и центри за податоци.
Поголемите количини на меморија им овозможуваат на системите со вештачка интелигенција да работат со посложени модели, истовремено да опслужуваат поголем број корисници и да задржат подолг контекст во комуникацијата. Иако производителите брзо инвестираат во нови производствени капацитети, значително подобрување на понудата се очекува само за неколку години. Според Самит Садана, Микрон во најдобар случај може да покрие околу две третини од среднорочните потреби за меморија на индивидуалните клиенти. Компанијата моментално гради две големи фабрики во Бојси, Ајдахо, кои треба да започнат со производство во 2027 и 2028 година. Планирана е и изградба на фабрика во Клауимбург.


