Поранешен војник е тајното оружје на клубот кој е европска сензација во Лигата на шампионите
Европскиот хит-клуб Бодо Глимт приреди сензација елиминирајќи го Интер во плејофот за осминафинале во Лига на шампиони на УЕФА. По победата од 2-1 на „Сан Сиро“ и вкупни 5:2, норвешкиот состав го оствари најголемиот успех во својата клупска историја.
Препорачано
Во сезона во која веќе ги совлада Атлетико Мадрид и Манчестер сити, овој подвиг само потврди колку драматично се трансформирал клубот во изминатите години.
Пресвртната точка датира од 2017 година, кога Бодо Глимт испадна од првата лига, тогаш кај сите во клубот ситуацијата била крајно лоша, а во приказната се појавил Бјорн Мансверк, поранешен командант на ескадрила во Кралските норвешки воздухопловни сили, со искуство од мисии во Авганистан и Либија. Претходно работел на ментална подготовка на пилоти пред борбени задачи.
View this post on Instagram
Тој ја прифатил соработката под два услови, фудбалерите да доаѓаат доброволно и никогаш да не делува како посредник во интерес на клубот. „Јас сум тука за играчите“, порачал уште на стартот.
Една од најпознатите приказни поврзани со неговата работа е случајот на долгогодишниот играч од средниот ред Улрик Салтнес. Поради силен стрес, Салтнес размислувал да ја заврши кариерата поради сериозни стомачни проблеми за време на натпреварите и не можел да ја издржи планираната минутажа. „Одличен на тренинг, непрепознатлив на натпревар“, изјавил за него Мансверк во една ситуација.
По разговор во кој му било кажано да престане да се оптоварува со исходот и едноставно да игра без притисок, ситуацијата драстично се сменила. За месец и пол симптомите исчезнале, а подоцна Салтнес ги постигна двата гола во победата од 2:0 против Лацио во четвртфиналето на Лига на Европа на УЕФА во 2025 година. Денес е еден од капитените на тимот.
Филозофијата што ја внесе Мансверк се темели на фокус кон процесот, а не кон резултатот. Во пракса тоа значи дека пред сезоната не се поставуваат конкретни резултатски цели, ниту се инсистира на табели и број на победи. Наместо тоа, акцентот е ставен на изведбата и на аспектите што тимот може директно да ги контролира.
View this post on Instagram
Во рамките на тој пристап воведена е и медитација пред тренинзите, која играчите ја практикуваат во дресови. По примeн гол, тимот веднаш се собира во круг за кратка анализа и корекција, а истиот метод се применува и по постигнат погодок доколку се забележи пад во играта.
Дополнително, одговорноста во соблекувалната е распределена меѓу осум капитени, а улогите се менуваат во зависност од натпреварот и ситуацијата, со цел што повеќе фудбалери да преземат лидерство.
Резултатот од овој пристап е очигледен, Бодо Глимт од клуб во криза се претвори во европска сензација што повеќе никој не ја потценува.
ВИДЕО: Сорлот со хет-трик го водеше Атлетико Мадрид до осминафинале во ЛШ


