Поради неизвесноста со пандемијата пратениците се подготвуваат за гласење од далечина

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, денеска оствари средба со амбасадорката на Обединетото Кралство во Република Северна Македонија, Рејчел Галовеј.

Средбата, соопштија од собраниската прес-служба, била по повод реизборот на Џафери на функцијата претседател на Собранието на Република Северна Македонија, како и изборот на новата Влада, со што се воспоставува целосна функционалност на највисоките државни институции во земјата.

Претседателот на Собранието Џафери ги потенцирал исклучителните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство, за кои, стои во соопштението, споделил очекување дека ќе продолжат со зголемена динамика и во наредниот период. Информирал дека во наредниот период претстои формирање на комисиите, делегациите и пратеничките групи за билатерална соработка, како и зголемена заедничка работа како на пратениците од владејачкото мнозинство, така и на пратениците од опозицијата, особено во пресрет на започнувањето на преговорите со Европската унија.

– Истовремено, соочени со предизвиците од пандемијата со Ковид-19, сите заедно ќе треба консензуално да изградат деловничка основа за можност за работа на Собранието од далечина, особено за гласање од далечина, бидејќи неизвесноста со пандемијата во претстојниот есенски и зимски период е голема и ќе изискува ставање во располагање на сите капацитети за справување со овие ризици, како и донесување на времени правила за работа на Собранието во вонредна состојба, се наведува во соопштението.

Осврнувајќи се на Брегзит, Џафери истакнал дека Собранието стои на располагање брзо да се ратификуваат сите ревидирани трговски и економски договори меѓу нашата држава и Обединетото Кралство, за да може непречено да се одвива надворешно – трговската размена.

Во контекст на соработката со НАТО, Република Северна Македонија како најнова земја – членка, се подвлекува, ќе соработува со британските колеги на рамноправна основа, придонесувајќи во колективната стабилност и глобалната безбедност.

Претседателот на Собранието ја оценил како мошне успешна досегашната соработка со Вестминстер фондацијата за демократија, при што нагласил дека сите започнати проекти продолжуваат и понатаму со несмалена динамика.

Амбасадорката Галовеј информирала за новите услови на работа во Британскиот парламент, наметнати од ризиците од пандемијата со Ковид-19, и можноста британските пратеници да работат и гласаат од далечина. Понудила конкретна помош и поддршка во оваа област, во насока на споделување и користење на искуствата.

– Изрази позитивно очекување од натамошната реализација на проектите меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Вестминстер фондацијата. Воедно, ја истакна силната политичка поддршка на новото Собрание и Влада, нагласувајќи ја потребата од натамошно заедничко градење на добри и коректни односи на релација власт – опозиција, стои во соопштението од Собранието.

Соговорниците размениле мислења околу актуелните политички случувања во државата, активностите на Собранието и Владата во контекст на фокусирање кон предизвиците од пандемијата и прилагодувањето на животот на граѓаните кон новата состојба, дијалогот власт – опозиција како клучен императив на демократијата, можностите за унапредување на меѓупарламентарната соработка и споделување на заедничките искуства од надворешната политика и парламентарната дипломатија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот