Поради короната некој правдата ја чека дома, некој зад решетки

Фото: Слободен печат/ Арбнора Мемети

Триесетина притвореници во двата скопски затвори се времено „заглавени“ и не можат да одат на рочиште бидејќи судија, поротник или некој друг во нивната судска постапка е заразен со ковид-19, или пак има Решение за самоизолација.

Во слична ситуација се и осомничените кои се наоѓаат во домашен притвор. Се додека заболениот не оздрави и не дојде на рочиште, осомничените ќе останат во затворски или домашен притвор. Од Кривичниот суд велат дека се постапките се времено прекинати од оправдани причини, а штом се создадат услови за нивно продолжување, рочиштата ќе продолжат од таму каде што се прекинати.

Нашите клиенти, како што велат дел од адвокатите на неколкумина времено „затворени“ граѓани за „Слободен печат“, се принудени да чекаат да оздрави некој кој е заболен во нивниот случај за да може во редовна судска постапка да се избори за својата правда.

– Судот требаше да ги уважи нашите барања во текот на постапката и да ги укине мерките за притвор, бидејќи јасно беше уште од стартот на таканаречениот Втор бран на ковид-19 дека ќе се зголеми бројот на заразени или асимптоматски случаеви, и дека меѓу нив ќе има и лица кои се дел од овие судски процеси. За жал по Законот, не постои можност некој друг да одлучува освен судечкиот судија. Ситуацијата може да се искомплицира, ако се случи нешто лошо со заболениот, па процесите на нашите клиенти ќе треба да започнат од почеток, што е само непотребно изгубено време за притвореникот – велат адвокатите.

Поради болест, на 29 минатиот месец во судница не беше присутен еден од судските поротници кој е во судечкиот совет за случајот „Тендери“.

Поради ваквата новонастаната ситуација, судијата Осман Шабани кој го води предметот, го одложи денешното рочиште за 10 ноември.

Во „Тендери” првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска, а обвинети се и Лидија Лазарова-Цветковска и Јулијана Угриновска.

Од друга страна пак поради болен обвинет, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, обвинет во неколку случаеви на јавното обвинителство на 27 минатиот месец не дојде во суд на рочиштето за предметот „Траекторија“.

Причината за недоаѓањето е неговата самоизолација, откако имал контакт со заболен од коронавирус. Јанакиески е обвинет и во „ТНТ“, „Талир“, „Титаник“, „Топлик“, „Шпански скали“, а е првостепено осуден за „Шамарите во Центар“.

Исто така се одложува исудскиот процесо во кој им се суди на поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски и ексминистерот Спиро Ристовски. И двајцата имаат решенија за изолација. Тоа е причината за одложување на судското рочиште за предметот познат во јавноста како „организаторите на 27 април”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот