ПОРАДИ ДОЛГ НА ИМЕ ПЛАТА: Во СЈО се готви тужба против државата

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Не е далеку денот кога стотината вработени од Специјалното јавно обвинителство ќе поднесат колективна тужба против Република Македонија и без мака ќе ја добијат тужбата откако, поради пратеничките каприци и политичките кавги поради што во Парламентот е заглавен Законот за јавно обвинителство кој беше спас за нив, остаанаа без потписник на сметката и без шеф.

Сега нивната судбина е оставена на политичка ветрометина. Никој не знае кога тој закон ќе добие собраниски амин, па ќе има плата и здравствено осигурување за вработените во СЈО или тие уште долго ќе чекаат некој да се смилува за нивната судбина. Вработените, како што дознаваме, веќе се организираат за да поднесат тужба. Дали и кога таа ќе биде поднесена зависи само од нив.

За можната тужба и нејзиниот позитивен исход пред две недели лично и премиерот Зоран Заев ги алармираше пратениците побрзо да најдат решение оти ако е тужена државата, тоа нема да биде само финансиски терет за Буџетот, туку и голем домашен и меѓународен срам.

Позитивниот исход за вработените во СЈО е во новиот предлог закон за јавнообвинителска служба кој го изготви Министерството за правда. Во него, со дополнување на законот се наведува дека тие ќе бидат преземени под надлежност на Јавното обвинителство, а нивен иден шеф ќе биде републичкиот Јавен обвинител, па така со еден закон се решаваат сите досегашни маки на персоналот на СЈО.

Голготата на вработените во СЈО започна со притворањето на нивната доскорешна шефица Катица Јанева која беше единствен потписник на сите документи. Само во нејзино отуство, за одредени работи, како банкарските налози за исплата на плати, можеа да ги потпишат нејзините заменички, обвинителките Ленче Ристовска и Бети Јосифовска.

Но, откако обвинителите од СЈО беа преземени од ОЈО, стотината вработени во Специјалното обвинителство останаа без потписник на сметката. Веќе втор месец СЈО должи пари, не само на име плати и придонеси, туку и за услуги и комуналии. За сите долгови има доволно пари на нивната сметка, но нема кој да потпише.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот