Фото: МЕД

Популацијата на видрата е во опаѓање поради уништени живеалишта, загадување и хидроцентрали, реагира МЕД

Иако видрата е строго заштитен вид во Македонија, постојат индикации дека нејзината популација е во опаѓање. Главните причини за тоа се уништувањето и деградацијата на живеалиштата, загадувањето на водите, намалувањето на рибниот фонд, изградбата на мали хидроцентрали и криволовот.

Ова го соопштија од Македонското еколошко друштво, по повод Светскиот ден на видрите, со цел да се подигне јавната свест за заштитата на овие цицачи, кои, како што велат, сѐ почесто се соочуваат со сериозни закани поради деградацијата на водните и влажните живеалишта.

Еколозите објаснуваат дека во Македонија видрите се среќаваат покрај поголемите реки, езера и водни екосистеми, вклучително и долж крајбрежјето на Преспанското Езеро, хранејќи се примарно со риби, но исто така и со мали цицачи, птици, водоземци, ракови, полжави, змии и инсекти.

Тие се територијални животни најактивни во тесниот појас по крајбрежјето на водните површини.

„Притоа нивниот опстанок е зависен од присуството на рипарската вегетација, достапноста на плен и места за правење засолништа“, велат оттаму.

Оттука, според МЕД е особено важно континуирано да се следи состојбата на популацијата на видрите, но и да се зачуваат крајбрежните и водните живеалишта од кои тие зависат.

„Со заштитата на видрите, ние не заштитуваме само еден вид – ги чуваме водите, природата и нашата заедничка иднина. Кога ги чуваме видрите, ја чуваме и Преспа! Придружете се!“, соопштија од МЕД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот