Поповиќ: Ако се донесе Законот за висока раководна служба, квалитетните кадри ќе ја вратат довербата во именувањето државни раководители

Фото: МИА

Со Законот за висока раководна служба би се вратила довербата кај квалитетните кадри, кои не веруваат во фер и транспарентен процес на именувања во институциите – ова беше истакнато на денешната дискусија околу очекувањата за носењето на Законот, како и за тоа кои се вредностите и начелата врз основа на кои треба да се води процесот на именување раководни лица во институциите.

Според раководителот на Центарот за добро управување при Институт за демократија, Миша Поповиќ, Законот за висока раководна служба, кој долго време не се носи, е една од значајните алатки за враќање на довербата на оние кои не веруваат дека можат да бидат избрани и именувани во една фер и транспарентна постапка.

– Токму поради тоа Законот за високо раководна служба би бил еден почеток да се почне со враќање на таа доверба, затоа што знаеме дека во моментот кога би се одлучило да се именува според квалитет, ќе има резерва кај граѓаните кои би биле подобни за тие позиции и ваквиот елемент како Законот може да придонесе за враќање на довербата, појасни Поповиќ.

Тој истакна дека со цел испорачување на квалитетни услуги на граѓаните потребно е воспоставување пракса врз база на искуство и знаење, а не на партиска припадност.

– Туку има и една друга манифестација на корупцијата, ние сега сме како држава исправени пред два предизвика, кои се релевантни за тоа кој раководи оперативно на професионално ниво со институции, установи, јави претпријатија и така натаму. Првиот предизвик е дека живееме во едно непредвидливо време во комплексни кризи, испреплетени економска и безбедносна, климатски промени и сето тоа укажува на потребата институциите да бидат отпорни и спремни да се прилагодат да им испорачуваат на граѓаните услуги и добро владеење во неповолни услови. Затоа е потребна служба на оперативно ниво, шаблон поставен врз база на искуство и знаење, а не врз база на партиска припадност, рече Поповиќ.

Тој додаде дека како членка на НАТО и земја која се стреми за влез во ЕУ, решавањето на оваа проблематика е многу важна.

– Од друга страна, како членки на НАТО и земја која преговара за влез во ЕУ, треба да им испорачаме и на нашите меѓународни партнери во смисла на тоа дека сме се обиделе како општество да ги најдеме најквалитетните луѓе да ги поставиме на тие места, заради тоа што сега имаме поширока одговорност, ние не сме само договорни кон нашите граѓани, туку и кон семејствата кон кои што сме се придружиле, како за почеток во НАТО. Мора да бидеме фактор на добро управување и тоа се апострофира заедно со замерките за висока корупција. Потребна е трансформација во смисла на тоа да се носат поквалитетни одлуки ослободени од влијанија, базирани на анализа, стратегија и визија, не само на политичкото ниво, туку и на оперативно, порача тој.

Министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити рече дека политиките кои се носат се во насока на создавање систематски решенија, односно „транспарентни мерит-системи“.

– Ние мислиме дека решенијата треба да бидат системски, односно тие промени кои треба да бидат во законите, како овој и Законот за административни служби. Имаме закон и за реорганизација на институциите, сите се во таа насока да ги направиме нашите системи потранспарентни, да има мерит систем кога станува збор за вработувањето и нашите институции да бидат водени од професионални луѓе, а не од партиски послушници кои се поставуваат од политичките партии. Така што сите политики се во таа насока, изјави министерот.

Настанот беше организиран во рамки на проектот „Поттикнување на јавната дебата за антикорупција” поддржан од Националниот фонд за демократија. Проектот цели кон поддржување на реформскиот процес во Северна Македонија преку зајакнување на реформската агенда во областа на владеењето на правото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот